„Бомба“ на Алиоски во дебито за Фенербахче во турската лига (ВИДЕО)

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Езгјан Алиоски, својот прв настап за Фенербахче во турската Суперлига го круниса со гол за запечатување на триумфот од 4:2 над Адана во Истанбул и за прво место на табелата по три одиграни кола.

Триесетгодишниот лев бек влезе во игра во 80. минута и само три минути подоцна го постави конечниот резултат со „бомба“ во горниот десен агол од противничкиот гол.

„Голема победа со нашите извонредни навивачи! Се боревме, вложивме многу труд и го добивме тоа што го посакувавме. Пресреќен сум што придонесов за тимот со мој погодок. Само да продолжиме вака“, изјави тој.

Популарниот Џани се надоврза на сличното деби во турското првенство на својот колега од националниот Енис Барди, кој беше двоен стрелец за Трабзон во Анталија исто така во третиот круг од шампионатот.

Алиоски, кој има 56 настапи и 12 гола за Македонија, во турскиот гигант дојде од Ал Ахли од Саудиска Арабија и на 2 август потпиша договор на една сезона.