Бојкот е најпосакувано сценарио за Владата – Пишува Горан Момироски

Деновиве неколку пријатели ме прашуваат дали бојкотот на претседателските избори е добра опција во битката против власта.

Откако видов дека повеќе интелектуалци, новинари и активисти критички настроени кон Владата јавно на социјалните мрежи се залагаат за бојкот на претседателските избори, сфатив дека оваа идеја, иако не е доминантна, ниту добро аргументирана, може да ги збуни обичните гласачи какви што од мене побараа совет.

Мала скромна анализа на распоредот на политичките сили покажува дека бојкот на претседателските избори е најдобро сценарио за Заев и неговите компањони.

Има повеќе причини зошто луѓето во Владата молат Бога некој друг, а не тие, да повика на бојкот.

Прво, со тоа Владата се спасува од ризикот нејзиниот кандидат да загуби на претседателските избори без разлика дали Заев и Ахмети ќе одат со консензуален кандидат веднаш или во вториот круг ДУИ ќе ги повика своите симпатизери да го поддржат Стево Пендаровски, на пример.

Фактот што СДСМ својот кандидат ќе го открие дури на 3 март покажува дека власта нема свој сигурен кандидат и затоа до таа дата Заев со нови лаги за економијата базирани врз членството во НАТО ќе се обиде да создаде услови за победа на засега непознатиот кандидат.

Според тајните анкетите кои што ги прават власта и опозицијата, ниту еден кандидат на СДСМ од тие што сега се во игра не може да се надева на победа без огромна поддршка од Албанците и другите заедници и без нова кражба на гласови, како што се случи на референдумот.

Втора причина зошто бојкотот е добар за Владата е фактот што со бојкот вршител на должноста претседател станува спикерот на Собранието, Талат Џафери, кој што веднаш како шеф на државата ќе ги потпише указите за стапување во сила на промените на Уставот и Законот за јазиците.

Со тоа, уставно правната заврзлама која што сега се случува ќе биде донесена на ново правно ниво, иако в.д. претседател нема никакво морално право да потпишува укази за стапување на сила во закони.

Главниот аргумент на тие што се залагаат за бојкот е дека изборите за претседател ќе бидат украдени, но фактите говорат дека токму со бојкот ќе се зголеми шансата за изборна кражба.

На сите им е јасно дека за власта многу полесно е да манипулира со гласовите ако граѓаните не излезат на гласање. Затоа што ако излезете на гласање вашиот глас многу потешко ќе биде украден од кого било.

Понатаму, во однос на кражбата, која дури и без бојкот сè уште е активна опасност, треба да се знае дека за разлика од референдумот за името, кога немаше партиски набљудувачи, сега ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои претставници на сите места каде што ќе се гласа, најмалку во тие средини каде што постои реална опасност од кражба.

Друг аргумент против бојкотот е извесната битка во албанскиот блок, каде што дури и ДУИ да избегне директна пресметка со Алијанса на Албанците и БЕСА на Касами, ќе има целосен мониторинг од страна на луѓето на Села и Касами, кои нема да сакаат Ахмети да прогласи победа во албанските средини обезбедена со кражба.

Според проценките во албанскиот блок, доколку ДУИ влезе во коалиција за консензуален кандидат со СДСМ уште во првиот круг, АА и БЕСА со добар кандидат можат да добијат над 100 илјади албански гласови за албански кандидат.

Со тоа, ДУИ е ставена во пат позиција да мора да се бори да докажува во јавноста дека нејзините гласови освоени заедно со СДСМ се повеќе од тие на Села и Касами, што е речиси невозможно.

Друг, можеби и најсилен, аргумент против бојкотот е фактот што со едни или повеќе пропаднати избори за претседател власта со своето руинирано парламентарно мнозинство по секоја основа ќе го смени Уставот и во иднина претседателот ќе се избира во Парламентот.

Со тоа се воведува траен консензуален шеф на државата и се укинува принципот на директна демократија, со што граѓаните никогаш повеќе нема да можат самите да го изберат својот народен претставник.

Практично, со спецификите на македонската демократија македонскиот народ и граѓани ќе дојдат во ризик секогаш и во вечни времиња да имаат само индиректно избрани државни претставници, затоа што меѓупартиските комбинации можат и во Владата да донесат премиери и министри кои што не биле дел од изборите.

Таков е случајот со актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој не беше на ниедна листа на изборите, како и со експремиерот Хари Костов, кој во 2004 година стана премиер, а никогаш не го помина јавниот суд во директно изборно соочување.

Со тоа Македонија зачекорува на сигурниот пат на диктатура на партиите кои досега често пати ни покажаа дека интересите на граѓаните не се секогаш нивен главен приоритет.