Бојда до Заев: „Торбеш“ е навреда, а не етнос. Муслимани сме пред Бога, а Македонци во душа

Почесниот претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија, Исмаил Бојда, изрази огорченост од најавата на премиерот Зоран Заев за внесување во Уставот и на „Торбешите“, како што ги нарече, пред влезот на Македонија во Европската унија.

„Срамно е да кажете за нас Македонците муслимани дека сме ‘торбеши’. ‘Торбеш’ не е етничка припадност, туку само провокација и навреда. Македонците со исламска религија се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ како и Македонците христијани. Муслимани сме пред Бога, а Македонци сме во душа и затоа сме огорчени од манипулациите на Зоран Заев со етногенезата на Македонците со исламска религија. Единственото по кое ние Македонците е верата, но дали тоа во 21. век треба нас да нè двои од македонското национално ткиво, да нè турка во бездна или во други води? Каде сте слушнале за ‘торбешки јазик’? Тоа е македонски јазик кој се негува преку обичаи, фолклор, јазик и култура“, му порача Бојда на Заев.

„Бараме еднакви права како и секој граѓанин на оваа држава. Ние со години во оваа држава сме деградирани, омаловажувани. Давате лажни ветувања на сите избори, а потоа никаде ве нема. Бараме Владата итно да ја повлече најавата за графата. Ги повикувам сите Македонци со исламска религија од целиот свет, пред сè, да се горди на тоа што се, да не подлегнуваат на никакви притисоци, уцени и закани за промена на идентитетот пред претстојниот попис. Во сите формулари пред државните органи во графата за етничка припадност да се евидентираат како Македонци, во графата за верско уверување како муслимани, а во графата за мајчин јазик да го запишат македонскиот, што не е лага“, додаде Бојда.

„Дали за еден Македонец може да има друго место освен Македонија? Не, не може да има. Токму сега сме ѝ потребни на татковината обединети!“, порача долгогодишниот борец за правата на Македонците со исламска религија.