Во оваа колумна сакав, во интерес на јавната дебата, да проговорам за некои прашања за кои сум разговарал со професорот Владо Бучковски и кога бил премиер, и потоа. Сакав да напишам детали од разговорот со него за повеќе теми и настани:
За посетата на тогашниот бугарски премиер Сергеј Станишев на Скопје во 2006 година, кога тој ја промовираше идејата за заедничка прослава на Илинден со Бугарија, а јас бев единствениот новинар (тогаш на А1 ТВ) кој на пресот по средбата побара објаснување за планот кој наскоро стана реалност и стекнато право на бугарските власти;
За средбата на Бучковски со Бојко Борисов како градоначалник на Софија на конференција за ЕУ и Западниот Балкан на Скопскиот саем во 2005 година;
За неформалниот разговор со него на една вечера во една странска амбасада во којшто, да бидам искрен до крај, јас велев дека Македонија со Бугарија, која е најблиска наша сосетка по неколку параметри, треба да најде некаков модел на разбирање. Тоа што го имав предвид тогаш (заедничко славење на светите Кирил и Методиј во Рим, на пример) не е ни блиску до тоа што сега го читам и слушам од професорот по римско право.
Но, пишувајќи ги овие редови на ум ми дојдоа чисто човечки, татковски сценарија и решив да запрам со колумната.
На професорот и на Македонија сега колумни не им помагаат, само Господ Бог може да им помогне.
Навистина, кој друг може да му помогне на човек којшто, ако се анализира тоа што го кажувал за бугарските медиуми, еден ден ќе треба да седне со своите деца и внуци и да им објаснува дека нивните дедовци биле Бугари до 1944 година.
‘Деца мои, вашиот дедо и неговите родители и дедовци биле Бугари, а од 1944 до 1991 година јас и вашиот дедо бевме жртви на силна антибугарска пропаганда поради која настанала македонската нација’, вака некако треба да се одвива овој разговор, ако се следи тоа што го зборувал и сè уште го зборува Бучковски.
Да не заборавиме, кога беше премиер Бучковски, таа антибугарска пропаганда за која сега зборува не се обиде да ја анулира, иако на располагање го имаше грозниот антимедиумски проект „Фабрика за вести“.
Тоа што олеснувачот нема ниту една заедничка фотографија со премиерот Заев во последниве 5 години покажува уште една работа која на упатените им е совршено јасна, но за тоа во друга прилика.
Насловот не е грешка
Во насловот на овој текст не е направена грешка, професорот Бучковски не е само македонски преговарач/олеснувач, туку и бугарски.
Доколку за неговата функција немало дозвола од Софија, тој немало да може да биде олеснувач во спорот.
Тој практично во спорот меѓу двете земји ги брани интересите на двете земји или во најмала рака Софија врз осова на свои сознанија, аргументи, документи и позиции за Бучковски верува дека ќе биде објективен застапник на целите на страните во спорот.
Во спротивно, од бугарска страна ќе имаше назначено преговарач со сличен профил – професор, експремиер или друг лик кој на иста позиција со Бучковски ќе ги разгледуваа отворените прашања од друг аспект и со поинаква методолигија од политичката.
Или, пак, двете страни ќе именуваа профил како Метју Нимиц како неутрална страна во спорот и сè ќе беше поинаку.
Вака Бучковски ќе мора да ги следи линиите на македонската влада и бугарските интереси и со тоа да се дисквалификува како претставник на македонскиот народ.
Тоа што во едно интервју дадено во Софија лани вели дека Бугарија е негов втор дом не може да му се зема за грев, затоа што не кажале попусто: домот ти е таму каде што ти е срцето.
За жал, професорот Бучковски со својот последен ангажман само ги зголеми шпекулациите дека не завршил в затвор за аферата „Бугарски делови“ за да може да биде искористен сега.
Дали со негова волја или под уцени и притисок, ќе ни открие самиот наскоро.
Во овој контекст замислете САД по аферата „Ирангејт“ да го назначеше покојниот претседател Реган за преговарач во мировните разговори со Иран или Франција по аферата „Донации од Гадафи“ да го именуваше експретседателот Саркози за преговарач со неговата влада пред да замине од власт.
Немам прецизни детали што сè поседуваат бугарските тајни служби во своите архиви за министерот за одбрана Бучковски од воениот конфликт во 2001 година. Ниту за српските служби за аферата „Миле Драгиќ“.
Но, ако денот по утрото се познава, професорот уште утре треба да се врати на факултет да предава римско право, пред целосно да биде соголен пред јавноста, студентите, колегите и неговите потомци.