Правна дилема се појави откако сегашниот градоначалник на Штип Благој Бочварски е именуван да ја преземе министерската функција во Министерството за транспорт и врски: дали и кога во градот треба да се одржат локални избори за избор на нов.
Штип ќе добие в. д. градоначалник, кој ќе биде избран од редовите на советниците во Советот на Општина Штип, а според едни толкувања. избори треба да се одржат сто дена по неговата оставка, но според други в.д. градоначалникот ќе може шест месеци да раководи со општината.
„Јас и досега имав назначено заменик градоначалник од редот на советниците, постапката ќе ја продолжи општината и ќе се преземат сите наредни чекори, ќе се избере в.д. градоначалник кој ќе ја извршува таа функција се до следните локални избори.
Законот е јасен па ќе го толкуваат и нашите правници. Реална е таа можност да се оди на предвремени локални избори, според овие закони, нека ги толкуваат правниците, како ќе се одлучи, веројатно е дека во Штип ќе треба да има предвремени локални избори. Во кој момент ќе се случат треба да одреди Владата и ресорното министерство“, изјавил Бочварски.