„Најголема штета за европската идеја е крвничкото газење на европското знаме во Собранието секојпат кога преку забрзано донесување закони со тоа знаменце се злоупотребува ЕУ за домашни политички цели, федералистички или коруптивни. Тешките политички теми не може да се носат со парламентарно насилство и со собраниски варваризам, на кој начин беше променето името од страна на Заев, Ахмети и Талат Џафери. Заев и Али Ахмети го направија “европското знаменце’ симбол за парохијален етнички шовинизам и бандитска корупција преку неговата злоупотреба заради забрзаното усвојување на ЕУ-прописите во македонското законодавство. Молкот на Европската комисија и на Делегацијата на ЕУ во Скопје за овие злоупотреби многу го засилува разочарувањето на македонските граѓани.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Крвничко газење на европското знаме“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Боцевски пишува: „Зошто мора да се укине деловничката одредба за носење закони со европско знаменце? Пред само неколку дена пратеникот Павле Трајанов, инаку иницијатор на промената на изборниот систем во една изборна единица, се огласи со иницијатива измените на Изборниот законик, со внесување на новиот изборен модел, да се усвојуваат со европско знаменце во Собранието на Република Македонија. Зарем повторно ќе се дозволи злоупотреба на европското знаменце за решавање суштествени политички прашања во Македонија, со најгруба злоупотреба на симболот на Европската Унија и на европската интеграција?“
Во јули 2008 година во Деловникот на Парламентот беше га беше внесена одредбата за забрзана постапка за носење закони со кои македонското законодавство се усогласува со европското законодавство ‘acquis’). Тогашната логика беше дека европската интеграција не може да чека, а и дека Македонија ќе мора да се движи со светлосна брзина по почетокот на преговорите со Унијата, па затоа и сите јазови во законите и во другите прописи, што ЕУ ќе ги утврди при првата фаза на проверувањето (‘screening’) на македонското законодавство ќе бидат внесени, укинати, или поправени преку молскавична постапка во македонското Собрание, односно со ‘европското знаменце’.“
„Во изминатите 14 години немало никаква причина за негово користење во забрзана процедура. Уште во самиот свој зародиш тоа знаменце беше погрешна идеја, но и се претвори во чудовишен инструмент. Неговата најгрозоморна злоупотреба беше при промената на името Македонија. Оттогаш се умножија серија значајни законски проекти, што целосно ја извитоперија македонската државност, обоени со темносината боја на ЕУ и под златните европски ѕвезди: од насилното наметнување на контроверзниот Закон за јазици и цела серија други федералистички закони протнати од ДУИ, па до непрегледната низа коруптивни закони за лично богатење на најпознатиот македонски семеен конгломерат на фирми“ – нагласува Ивица Боцевски во својата колумна, покрај другото.
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/chin-na-krvnichko-gazenje-na-evropskoto-zname/