„Француската рамка’ е отфрлена со изјавата на македонскиот премиер. Своите криминални аспирации Софија ги вметна под обландата спакувана од Унијата во формалноправен акт, со кој се сакаше да се фингира ‘забрзувањето на Македонија на пристапните патишта кон ЕУ“.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Истекува ли и рокот на францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува, покрај другото: „Според експертите, треба да се истрае и да не се потпише, ниту да се даде согласност за каков било акт, или протокол во врска со предлогот на Франција. Но тие предупредуваат дека, ако не се потпише и протоколот, тогаш ‘европската администрација ќе смета дека Македонија ги одбила условите што ЕУ ѝ ги понудила на Македонија за почеток на преговорите!’. Според соговорниците, францускиот предлог ќе стане модел (почетна точка) за идните преговарачки позиции на Софија, но и на Брисел!“

„Прифаќањето на француско-бугарската, односно европската преговарачка рамка, ќе значеше и крај за македонскиот јазик, историјата, нацијата и идентитетот. Затоа, меѓународноправните експерти со кои се консултиравме, поаѓајќи од највисоките норми на меѓународното право (јус когенс), тврдат дека на државата и на нацијата им беа понудени нелегален договор и протокол ништовен по својата природа, а дека Македонија покажала конечно дека има капацитет да гради одржлива држава и нација со свој јазик и историја, во согласност со меѓународното и со своето внатрешно право.“

„Со завршувањето на француското претседателство со ЕУ не пропаѓа и предложената преговарачка рамка за Македонија. Францускиот предлог и ќе биде основата, од која ќе се водат натамошните преговори и усогласувања. Сега пораките, наместо од Париз, ќе доаѓаат од Прага. Во ваква ситуација, треба да се размислува на прекин на разговорите со ЕУ околу една тема провоцирана од Бугарија.’ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.“