Првпат по падот на комунизмот во 1989 година, во Македонија беше забрането објавување факти во медиуми! И ова треба да биде најгласна камбана за тревога до каде стигнала лазечката цензура од самопрогласеното министерство за вистината и неговите чудовишни цензори.
Вака почнува колумната на екс македонскиот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски за Нова Македонија во кој тој се осврнува на настанот од пред само една недела кога македонската јавност беше шокирана поради случувањата на извидничкиот камп наречен „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“, организиран од Првиот скопски извиднички одред.
“Нема да пишувам за грозоморните случки низ кои поминувале учениците, затоа што македонската јавност веќе доволно добро се запозна со сите чудовишни детали од овој настан. Но ќе пишувам за политичката цензура на социјалните мрежи, за громогласниот молк на повеќето медиуми во Македонија, како и за срамните соопштенија на сите наброени поддржувачи на Првиот скопски извиднички одред, како и на Сојузот на извидници на Македонија.
Непобитен факт е дека оваа организација веќе подолго време се занимавала со „сексуално образование“ и организирала серија свои кампови, како и многу настани по скопските средни школи. Исто така, организацијата добила сериозна финансиска поддршка од фондацијата „Отворено општество“ од над 13 илјади долари за „создавање позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа“, со кои, меѓу другото, бил организиран и дијаболичниот камп. На оваа поддршка се надоврзал и Град Скопје, како и НВО „Хера“ со „едукативни и информативни материјали“. Исто така, новинарите открија дека вакви кампови се одржувале најмалку од 2019 година, а ниту една од посочените институции и организации не се изјасни за непобитното долгогодишно финансирање на вакви форми на „сексуално образование“ од Првиот скопски извиднички одред (којзнае кои други чудовишта би можеле да излезат доколку се појде во позначајно истражување на финансирањето, не само на „сексуалното образование“ туку и на другите контроверзни теми од „разбудената“ идеологија).
Притоа, да се разбереме, далеку од тоа дека јас тука сакам да бранам некакви застарени викторијански морални вредности или да застапувам некаков палео-конзервативизам. Далеку од тоа… Но на посочениот камп биле загрозени личниот физички и моралниот интегритет на малолетни деца, тие биле изложени на незамисливи притисоци и биле злоупотребени. Опишаните „активности“ на кампот се досега невиден скандал во македонското општество”, пишува Боцевски.
Целата колумна во Нова Македонија.