Македонскиот клуб во Благоевград е организација која е неуставна и нерегистрирана според законите во Бугарија, изјави в.д. премиерот Галаб Донев по церемонијата за почеток на изградбата на дел од Коридорот број 8 во РСМ, пренесува Њуз.бг

Според него, финансирањето на овој клуб е од организација во Канада, која има прилично сомнителни антиевропски, антиамерикански, антисемитски пораки и работи во оваа насока.

„Мораме да ја гарантираме и безбедноста на учесниците на овој настан, и на гостите од РСМ и на бугарските учесници кои ќе присуствуваат на овој настан. Ќе се погрижиме овој клуб да не проповеда и да застапува идеи кои се во спротивност со законите во Бугарија“, изјави Донев.

Тој посочи дека патот што треба да се оди е меѓуинституционален и да се бараат начини и договори кои овозможуваат подобра и поголема интеркултурна, образовна, туристичка и други сфери меѓу двете земји, „да им се овозможи на луѓето од двете страни на границата да да се чувствуваат слободни, спокојни и нивните права да бидат подеднакво загарантирани и во Бугарија и во Македонија“.

Од своја страна и македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека македонскиот клуб што се отвора утре во Благоевград е финансиран од приватни лица. За тоа како е регистриран и изграден, според Ковачевски, ова останува за оценка на институциите во Бугарија.

„Помеѓу две земји, мора да се создадат организации и настани за да се зближат граѓаните, земјите и институциите…Ќе испратиме барање до бугарската влада со цел да се отвори официјален македонски културен центар во Благоевград, како што затекнавме во Софија, како што имаме во Сараево и во другите градови и така мора да се грижиме за македонската култура“, посочи премиерот на РСМ.“, изјавил Ковачевски според БНТ.