„Блумберг“: На Трамп не му треба Македонија во НАТО

Американската новинска куќа „Блумберг“ преку коментарот на својот колумнист Леонид Бершидски го проблематизира пристапувањето на Македонија во НАТО.

„Во случајот со Северна Македонија нема разумен степен на руски аларм што би го оправдал ширењето на НАТО. Русија се спротивстави на членството на земјата и се обиде да ги охрабри националистите да го попречат тоа. Но, во Северна Македонија нема политички сили кои поддржуваат сојуз со Русија. Дури и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која понекогаш флертуваше со Путин, одамна го поддржа членството во НАТО и во Европска унија. За разлика од Црна Гора, земјата има само мала руска дијаспора и малку руски инвестиции. Влијанието на Турција – сè уште сојузник на НАТО – е многу посилно.

Тешко е, ако не и невозможно, да се направи каков било геостратешки случај за членство во НАТО на Северна Македонија. Земјата не игра голема улога во балканскиот конфликт. Таа е мала, без излез на море и со скромни ресурси. Владата на премиерот Зоран Заев дури и не се обиде да создаде случај. Заинтересирана е за членство во НАТО помалку како гаранција за безбедноста отколку како де факто предуслов за членство во ЕУ. Сите поранешни комунистички членки на ЕУ се приклучија на НАТО пред блокот.

Нема официјален услов за пристапување во НАТО пред ЕУ, па Србија, барем засега, е подготвена да биде дел од ЕУ, но не и од НАТО. Но, тоа останува ефективен столб на безбедноста на блокот и покрај сите неодамнешни дискусии за војска на ЕУ. Северна Македонија нема интерес да ја оспори оваа конвенција: нејзината економска иднина зависи од брзото движење по европскиот пат“, пишува рускиот Евреин, кој по припојувањето на Крим од Русија во 2014 година емигрира во Берлин.

„За САД, која го овозможува безбедносниот чадор за земјите на НАТО, Северна Македонија изгледа ќе биде само уште еден искористувач. Нејзините воени трошоци изнесуваат 1,19 отсто од бруто домашниот производ оваа година – приближно исто ниво како и во Германија, која Трамп постојано ја пецка за нејзиниот пацифизам. Во апсолутна смисла, тоа е беда, одвај 153 милиони долари во 2019 година за војска со активен персонал од околу 8.000 луѓе. НАТО не добива ништо од нејзиното внесување внатре и од раширувањето на чадорот уште малку.

Алијансата исто така не губи многу. Тешко може да се види Русија, или некој друг, како ја напаѓа Црна Гора или Северна Македонија. Но, САД треба да размислат за тоа во што се претвора сојузот со сè поголем број мали членови, главно заинтересирани да го користат како чекор на патот кон пристапувањето во ЕУ. Нема смисла за Алијансата да им посакува добредојде на нови членки само поради тоа што Русија не сака да се приклучат: Кремљ, во принцип, е против каков било вид проширување на НАТО.

Ако САД навистина сакаат да ги поттикнат своите европски партнери да потрошат 2 отсто или повеќе од својот БДП за одбрана, таа цел никогаш нема да се постигне со прифаќање на повеќе земји што не трошат толку“, заклучува Бершидски, прв главен уредник на весникот „Ведомости“, а објавувал и во американските „Филаделфија инкваерер“ и „Њузвик“.