А шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен денеска во Анкара ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган откако ќе го посети епицентарот на земјотресот и ќе најави поголема помош.

Ова е прва посета на американскиот државен секретар на Турција откако тој ја презеде функцијата пред две години.

На дневен ред на средбата ќе биде конфликтот во Украина, но пред се’ блокадата на Турција на пристапот на Шведска и Финска во НАТО.

Стокхолм и Хелсинки чекаат прием од мај минатата година. Се очекува Блинкен да се обиде да влијае на Ердоган да им дозволи на Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во четвртокот за време на посетата на Турција изјави дека „сега е моментот“ да се прифатат двете северноевропски земји во Алијансата.

Блинкен најави во недела дополнителна помош САД ќе доделат уште 100 милиони долари помош за настраданите од разорниот земјотрес, покрај претходно одобрените 85 милиони долари, објави во неделата Стејт департментот.

Претседателот Џо Бајден планира да одобри 50 милиони долари за помош за бегалците и мигрантите и уште 50 милиони долари за загинатите во катастрофалниот земјотрес.