Српскиот весник „Блиц“ во опсежна анализа се осврнува на сензационалниот триумф на Македонија над Германија од 2:1 во Дуизбург во мундијалските квалификации, парафразирајќи ја во насловот славната изјава на Гари Линекер.
Според легендарниот англиски напаѓач, „фудбалот е игра во која секогаш победува Германија“, а според „Блиц“, „фудбалот е игра во која Македонците ги победуваат – Германците!“.
„’Панцерите’ вредат 950 милиони евра, односно 16 пати повеќе од репрезентацијата што ја предводи 37-годишниот Горан Пандев. Германија има седум фудбалери кои поединечно вредат повеќе од комплетната репрезентација на Македонија. Еден од нив е Тимо Вернер, кој при 1:1 се посрамоти за сите 65 милиони евра. Напаѓачот на ‘панцерите’ утна празен гол, за само неколку минути подоцна да биде сведок на историската победа на нашите јужни соседи во Дуизбург – 2:1.
Македонците покажаа дека срцето, волјата и инаетот се поважни од името и од парите што ги следат Тер Штеген, Кимих, Ѓундоган, Сане, Хаверц и Вернер. Имено, ‘панцерите’ се проценети на 950 милиони евра, односно секој Германец вреди колку 16 Македонци (околу 60 милиони евра). На хартија, не и на теренот“, пишува „Блиц“.