Основните производи нема да поевтинат од 1-ви декември, тврди комората за енергетика. Струјата допрва ќе поскапува, а крајната цена ќе ја плати народот, велат оттаму.

„Убаво е доколку се субвенционира, но таа цена што ја кажуваат мислам дека не им е добро пресметана. Се уште не паднал првиот снег, а со самото тоа на берза ќе почне да расте цената на електричната енергија. Тогаш ќе мора да трошиме повеќе струја од сега што трошиме и всушност ќе мора да почнеме да увезуваме, а штом ќе увезуваме некој ќе мора да ја плати таа електрична енергија, а токму граѓаните и компаниите се тие кои што плаќаат“ – Ѓорѓи Манасков, претседател на комора за енергетика.

Дека поевтинувањето ќе оди тешко, потврдуваат и производителите. Од ЕСМ се уште не им ги испратиле договорите за субвенционирана струја по пошта. Сепак, месарите, велат дека струјата нема многу да влијае на крајната цена. Бараат да се укинат давачките за увоз на суровини. Тврдат дека само така ќе поевтини месото.

„Чајниот колбас на којшто му требаат 20-30 дена да созрее, ако го сработувате на 15 ноември, а треба да го продавате дури после 10 декември, вие не можете да очекувате на први декември да се намали цената. Не може да се очекува поголемо и позначително, суштинско намалување на цените за граѓаните“ – Гоце Трајчев, претседател на групација за преработка на месо.

Цените на лебот за десетина проценти ќе паѓаат дури по нова година, а за дополнително намалување би требало да се активираат и стоковните резерви, бараат од агро-бизнис комората.

„Нужно би било понатаму да се реагира со стоковните резерви со што ќе се овозможи и подлабоко намалување на цените. Но, тоа е еден долг процес. Овој прв чекор е квалитетен и ќе овозможи соодветно намалување на цените за новогодишните и божиќните празници и до крајот на кризната состојба, тоа е април месец“ – Горан Ѓорѓиевски, претседател на агро-бизнис комора.

Опозицискиот лидер изрази загриженост за енергетската состојба. Вели ветувањата за домашното производство не ги остварија.

„Започнаа во ноември да увезуваат струја за потребите на граѓаните, не за индустријата, за потребите на граѓаните, оние кои што се снабдувани од ЕВН Хоум за кои што велеше државата дека комплетно домашно производство ќе ги снабди со електрична енергија. Тие не успеаja и затоа од 7-ми ноември до 30-ти ноември, за 23 дена увезоа електрична енергија во вредност од 23 милиони евра. Значи секој ден увезуваа по еден милион евра електрична енергија, пари платени од граѓаните.“ – Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕ.

За првите 4 дена од декември ќе се реализира нова набавка на струја која ќе чини 8 милиони евра, вели Мицкоски. Од ЕСМ, пак, рекоа дека за цел декември ќе се потрошат 25 милиони евра за увозна струја.