Сојузот на Стопански Комора е против владините најави за пораст на минималецот на 18.000 денари по Нова година. Вештачкото зголемување, што не ја следи продуктивноста на вработените и економската состојба на фирмите ќе донесе низа негативни ефекти, меѓу кои отпуштања, раст на инфлацијата и сивата економија.
„Ако Владата е искрена во своите намери да помогне на бизнисот и граѓаните, треба да спроведе мерка со која ќе се намалат стапките на придонесите кои кај нас се на екстремно високо ниво. Кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто плата изнесува околу 33 проценти, додека за споредба во Германија изнесува 27 проценти, Бугарија 19 проценти, Словенија 18 проценти, Хрватска 17 проценти. Оваа разлика реално е и поголема кога ќе се стави во однос со квалитетот на услугите кои се добиваат од државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување“ истакна Александра Андреева, член на Управен одбор на ССК.
Комората брои 20.000 членки, микро и мали компании, кои изминатиов период мака мачеле да опстојат поради последиците од корона пандемијата. Сега, наместо да ги стимулира, државата со вакви мерки ќе затвори голем дел од нив, тоа е како да гасите пожар со масло, изјави Благоја Грозданов, член на УО од ССК.
Повисоката минимална плата ќе им ги зголеми трошоците на фирмите. Еден вработен со минималец од 18,000 денари, газдата го чини скоро 27.000, со придонеси и данок на доход. Ова значи дека уште скоро половина од платата фирмите и ја даваат на државата.