Поранешниот член на Европскиот парламент од Бугарија, Светослав Малинов, најавува уникатна, како што вели, глава во преговорите на Македонија за членство во Европската унија, која ќе се однесува на неговата земја.

„Сите знааат дека преговорите се одвиваат, се отвораат различни глави. Само за Македонија ќе има една уникатна преговарачка глава и таа се вика Бугарија. Без ние да го надгледуваме тој процес, тие не можат да го продолжат. Како може некој да е против тоа? Природно е дека Македонците ќе бидат против, тие треба да објаснуваат пред кого сакаат, вклучувајќи и пред Албанците, зошто го блокираат преговарачкиот процес“, изјави Малинов за Бугарската национална телевизија (БНТ).

На прашањето дали бугарската позиција може да биде променета од следната влада, Малинов убедува дека таа може да го блокира процесот одвнатре, но не може да ја повлече одлуката за отворање на вратите на ЕУ за Македонија. Тој не верува во таков развој на настаните и очекува дека преговорите на Македонија за членство во Унијата ќе траат меѓу 7 и 10 години.

„Сега ќе видиме дали се искрени Македонците и што им е поважно – членството во ЕУ или да се расправаат со Бугарија. Се чини дека поважно им е да се расправаат со Бугарија отколку членството во ЕУ. Одредени политичари во Европа им создадоа илузии дека тие можат да се расправаат со Бугарија“, додаде Малинов.

Според бившиот европратеник на Демократи за силна Бугарија (ДСБ) во два мандата, ако Македонија не си го смени однесувањето, ќе заостане зад Албанија.