Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, во емисијата „Утрински брифинг“ објави дека оваа година е направен непотребен увоз на електрична енергија од 30 милиони евра за истата да биде платена од компании и општини како субвенционирана од државата, наместо тие да ја купуваат на слободниот пазар каде што е поскапа.

Според Бислимовски, тие ги користеле поволностите од стопроцентното снабдување од ЕСМ на ЕВН Хоме со електрична енергија по субвенционирана цена за домаќинствата и малите потрошувачи.

„Одредени компании на слободниот пазар кои што задолжително требаше да бидат таму, формираа нови компании со кои потпишуваа фиктивни договори и овие нови компании не го исполнуваа критериумот да бидат на слободниот пазар. Тој тренд го имавме во јануари, февруари,март и април. ЕВН Хоме како универзален снабдувач обезбедува дополнителни количини електрична енергија од слободниот пазар.

Тој тренд продолжи кај одредени општини, кои потпишуваат фиктивни договори за јавно осветлување со нивни јавни претпријатија кои што немаат обврска да одат на слободниот пазар и како резултат на тоа се прави сериозен притисок врз цената на електрична енергија“, објасни Бислимовски во студиото.

Тој увоз, според Бислимовски, ќе падне на товар на државата, односно на граѓаните преку плаќање на сметките за електрична енергија.

„Непотребно до сега се потрошени 30 милиони евра за увоз на електрична енергија за овие компании и општини да плаќаат струја по цена од регулираниот, наместо по цена на слободниот пазар. На крајот на денот ниската цена што ја обезбедува ЕСМ е за домаќинствата. Тој увоз од 30 милиони евра ќе падне на нивниот грб“, рече Бислимовски.