Во своето соопштение за јавност по физичкиот напад на синот на Муса Џафери врз шефот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, МЕПСО открива дека повеќе од 2 месеци, владата и РКЕ знаат дека на пазарот на струја се случува хаос при што некои фирми користеле струја за “дебаланс” од државниот систем што не смееле да ја користат.

Состанокот на кој формално било предупредено на проблемот со користење на “балансна струја” се случил на 6 август но бил закажан една недела предходно.

Во своето соопштение МЕПСО ја отфрла вината за одземањето на лиценцата на фирмата на синот на Муса Џафери и кривицата ја префрла на Владата и Бислимовски кој го именуваше владата на СДСМ и ДУИ.

Во опширниот текст на МЕПСО не се открива колку точно струја и со колкава цена земале трговците од ткн струја за дебаланс која што не смееле да ја земат, ниту колкави се вкупните долгови направени од фирми кои користеле струја надвор од предвидениот баланс.

МЕПСО премолчува и дали некои фирми воопшто не набавувале струја на пазарот на струја туку целата количина за трговија ја земале од системот за дебаланс иако на тоа немале право.

Посебно прашање е дали сите фирми ги дале побараните гаранции за обезбедување и дали државата преку МЕПСО ги задоволила своите побарувања преку гаранциите побарани од фирмите.

Конечно МЕПСО не открива дали фирмата на синот на Муса Џафери или други трговци со струја направиле и кривично дело или работела надвор од законот со користење струја за дебаланс за трговија со што направила штета која ќе треба да ја платат сите граѓани.

Државната МЕПСО во соопштението не открива дали по предупредувањето е спречено користење на струја од таа за баланс откако се предупредени РКЕ и Владата.

Во продолжение целото соопштение на МЕПСО:

Оваа соопштение има за цел точно и вистинито информирање на граѓаните и спречување на ширење на дезинформации во јавноста, како реакција на некоректни напади и обвинувања на одредени медиуми спрема АД МЕПСО кои за жал ни нанесуваат непроценета штета на угледот на Друштвото и создавање на погрешна перцепција пред граѓаните и партнерите.

Уште на самиот почеток сакаме да потенцираме дека АД МЕПСО нема никаква надлежност која се поврзува со издавање или одземање на лиценци на снабдувачи со електрична енергија. Тие исклучиво се во надлежност на Регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, согласно закон.

АД МЕПСО во рамките на своите законски обврски постапува строго професионалнo, прва реагираше и информираше за актуелната електроенергетска состојба во државата вклучувајќи РКЕ и Владата на РС Македонија. Поточно, АД МЕПСО укажуваше за состојбата и движењата на цените за електричната енергија на референтните берзи во регионот со укажување на актуелната електроенергетска состојба во нашата држава.

Како резултат на нашето укажување на 06.08.2021 година се одржа состанок со енергетските компании (ЕВН, ЕСМ, МЕМО, МЕПСО и ТЕЦ Неготино) во присуство на РКЕ, и претставници од Владата на РС Македонија. На овој состанок меѓу другото АД МЕПСО укажа дека: поради високите цени на електрична енергија се забележува појава во која снабдувачите номинираат значително помали количини на електрична енергија од потребните, а остатокот го превземаат од системот како дебаланси.

Растот на цените на електричната енергија и понатаму продолжи со несмалено темпо, користењето на системските резерви и понатаму беше, за АД МЕПСО, неоправдано, нивото на акумулациите се сведуваше на минимум, што за АД МЕПСО беше аларм да побара да се свика уште еден состанок со сите релевантни фактори во енергетиката. Таков состанок се одржа на 01.10.2021 година.

Што се однесува до прашањата и дилемите во јавноста а во врска со одредени снабдувачи на електрична енергија меѓу нив и “У-Пауер”, Ве информираме дека тие се компании кои во минатиот период се повеќе бележеа развој во своите активности во областа на снабдување во РС Македонија. Нивните долгови по основ на надомест за дебалансите во претходниот период беше 0 “нула”. Имено во претходниот период АД МЕПСО согласно “Правилата за балансирање” воглавно имаше финансиски обврски према У Паyер и другите снабдувачи, а тоа значи дека У Пауер набавувал повеќе електрична енергија од потребната за снабдување на неговите коминтенти и тоа се во границата на нормални проценки.

Со енормниот пораст на цените на електрична енергија на референтните берзи, од страна на АД МЕПСО е евидентирано се поголемо ангажирање на системските резерви за производство на електрична енергија. Имајќи ги во предвид законските надлежности, АД МЕПСО нема увид во билатералните договори на регистрираните снабдувачи во РС Македонија (вклучително и на У Пауер), ниту во договорите за снабдување кои ги има склучено со потрошувачите, и АД МЕПСО само може да претпостави дека У ПОВЕР ДОО или било кој друг лиценциран снабдувач, набавува или не доволно електрична енергија за да ги исполни своите договорни обврски спрема потрошувачите.

Ваквите претпоставки на АД МЕПСО стануваат реалност во рок од 60 дена по завршување на месецот. Имено, согласно законските обврски ОДС доставува информација до МЕМО за измерената елктрична енергија која ја превземале потрошувачите во рок од 45 дена по завршување на месецот. Врз основа на овие податоци МЕМО подготвува извештај до АД МЕПСО за направените дебаланси на сите снабдувачи. Овие пресметки се основа за издавање на фактура за сите снабдувачи (Балансно Одговорно Страни) за направените дебаланси во односниот месец.

Ова значи дека за отстапувањата на У Повер и/или другите снабдувачи направени во месец Јули 2021 година АД МЕПСО издаде фактура наредниот ден по добивањето на пресметките од страна на МЕМО, односно на 27 септември 2021 година. Веќе наредниот ден, согласно договорните обврски, АД МЕПСО достави барање за зголемување на финансиската гаранција не само до У Пауер туку и до сите други снабдувачи кои имаат поголема фактура за наплата за надоместот за дебаланси од постојните финасиски гаранции.

Со изнесените аргументи потврдуваме дека АД МЕПСО постапува одговорно и професионално во рамките на законските надлежности и договорните обврски

Линк до соопштението на МЕПСО