Бишевац: Ни треба нов општествен договор – Мораме од почеток да градиме држава

Според новинарот и аналитичар Сафет Бишевац очигледно е дека власта презела обврска за уставните измени, но вели дека уставни измени не смее да се вршат без мислењето на опозицијата и посочува дека власта одби учеството на опозицијата во преговорите за дефинирање на црвените линии.

– Решението се предвремени избори, рече Бишевац за Студио 10 на ТВ 24.

-Ако СДСМ и ДУИ добијат поддршка на избори за ова што го планираат тогаш во ред. ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ја согледуваат изјавата на Борел дека ова е „зделка“ како бизнис, а не како политика. Оти овој народ тука треба да живее со тие политички одлуки. Апсолутна лага е дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот на патот кон ЕУ. Ова за што зборуваме не е француски предлог туку е бугарски предлог со француска форма, вели Бишевац.

Тој додава дека никому во ЕУ не му се битни 3000 луѓе дали ќе влезат или не во Уставот.

-Ние сме на некое ниво пред државност. Правосудството, образованието и здравството како столбови се урнисани. Нам ни треба нов општествен договор и мораме од почетокот да градиме држава оти се е уништено. Мораме да почнеме од темелите, вели Бишевац и додава дека во оваа држава не постои одговорност како категорија, односно постои селективна одговорност.

Сакале или не, која било следна власт ќе мора да почне да ја гради државата.

– Ако во оваа држава не дојде власт која е подготвена да си замине по четири години поради спроведување политики на кои ќе се види бенефитот по 10 години, тогаш ќе пропаднеме, вели Бишевац.