Пишува: Свето Тоевски

Бугарскиот претседател Радев им порача на Македонците да се ослободат од „идеологиите на минатото“, за да ја добијат европската иднина, секако во „софиска режија“. Ем ќе помогне и да се добие бугарска струја. Да поедноставиме, Радев сака да каже: ќе ви ги земеме вашето минато и вашата историјa, а ние ќе ви помогнеме да си добиете „ганц“ нова историја и уште „посветла“ иднина, во која ќе гледате накај ЕУ, а не накај Самоил, Кирил и Методиј, Делчев и Сандански, не накај АСНОМ и референдумот за независноста во 1991 година!

Колку гигавати струја за царот Самоил, а колку за Делчев ?!!

Се прашувам: дали би можело Самоил, Кирил и Методија, Делчев да ги трампаме за бугарската струја: за Самоила пет гигавати, зашто е цар, а за Делчева 2-3 гигавати, оти е водач на македонското ослободително движење?! Би било многу арно, ако би успеал Ковачевски да направи „топтан – трговија“: целата македонска историја да ја трампа за бугарската нуклеарка „Козлодуј“. Ние нема да се смрзнуваме, а тие нема да бидат народ – „сирачиња“ без идентитет и историја, па нема да мораат да ја крадат македонската историја.

Но, да ги тргнеме настрана иронијата и мајтапот. Мора да му се каже на Бугаринот Радев дека е многу бедна и многу долна неговата уцена: ќе ви испорачуваме струја, ама заборавете го минатото! Македонците и сите други граѓани во Македонија можеби, или веројатно ќе се смрзнуваат и ќе бидат во темнина оваа зима во своите градови, немајќи доволно струја, поради својата „премногу способна“ Влада. Но, од друга страна, „Мајка Бугарија“ си е во длабока и безнадежна темнина повеќе од еден век! Затоа таа сега се обидува да си ги осветли минатото и иднината со помош на „македонската светлина“, која сака да ја украде. Арно ама, не успеала досега, а нема да успее ни во иднина..

Кога ќе ги помешате водата и огнот – тогаш Македонците и Бугарите ќе бидат „еден народ“!

Токму така, не ја бидува таа работа, која се напинаат Бугарите да ја направат. Кога ќе ги помешате водата и огнот – е, тогаш Македонците и Бугарите можеби ќе бидат „еден народ“! „Бугарското оганче“ може да се прави дека е пламен, голем, но кога ќе го плиснете со вечната и жива „македонска вода“ што ќе остане од него?! Ниту чад, ниту пепел! Од Бугаринот не бидува Македонец, ниту можете од Македонец да „измесите“ „бугарско тесто“! Не бидува ни еден народ од двата, бидејќи се сосема различни меѓу себе. „Пред фактите молчат и боговите“, затоа изнесувам серија научни факти, за да замолчат пред нив и денешните Бугари со своите трагикомични тврдења дека Македонците имаат исто потекло со нив и иста, заедничка историја. Ќе појаснам и зошто велам, аргументирано, дека Бугарија и Бугарите се во длабока „темнина“ повеќе од еден век. Нивната темнина е „безидентитетска“: тие се уште немаат осознаено ниту кои се по потекло, ниту од кај се, од кај дошле на Балканот. Бугарите се во потонати во „етничко-лингвистичка магла“ и се уште талкаат низ распаќата на историјата на Евроазија.

Бугарите имаат „комплекс на неосознаен етнички и лингвистички идентитет“, поедноставно кажано, имаат големи дупки и празнини во „конструкцијата“ на својот национален и јазичен идентитет. Според тоа како се однесуваат кон македонскиот народ и особено со оглед на нивната најнова политичко-идентитетска агресија кон Македонија и Македонците, сама по себе се наметнува дилемата: дали тие имаат можеби и свој „комплекс на помала идентитетска вредност“ наспрема Македонците?! За да не протолкува никој дека мојава анализа содржи „говор на омраза“ кон Бугарите, започнувам со светски угледната „Енциклопедија Британика“, која нагласува: „Бугарите се народ, кој е сè уште предмет на академски спор во однос на нивното потекло (турско или индоевропско), како и за нивното влијание врз етничката мешавина и јазикот на денешна Бугарија“.

Бугарите како „мешани етнолингвистички луѓе“ со својата историја и идентитет немаат никаква врска со Македонците и нивната историја и идентитет


Бугарскиот историчар, етнолог и филолог Веселин Бешевлиев, член на Бугарската академија на науки и уметности, е еден од најголемите научни авторитети за потеклото и најраната историја на Бугарија и Бугарите. Во својата широко цитирана научна студија со наслов „Првобугарски натписи“, објавена во 1935 и преобјавена во 1992 година, за својата држава и народ, има напишано: „Турко-бугарското племе Оногундури, кое ги напуштило своите животни простори околу Меотидското езеро (денешно Азовско море) и реката Куфис (денешен Кубан, во Русија) и дошло на Балканскиот полуостров, основало во 681 година своја нова држава во денешна Североисточна Бугарија и Добруџа. Основачите Оногундури, кои за разлика од сегашните Словени-Бугари се означуваат како Првобугари, Прабугари, или Турко-бугари, играле раководна улога во државата до околу 11 век…“

Ги повторувам накусо резултатите од моите истражувања токму низ најважните бугарски научни извори во врска со бугарската етногенеза (создавање на народот) и лингвагенеза (создавање на јазикот), за да се согледа целосната бесмислица на тврдењата дека Бугарите и Македонците се „еден народ“ со „заедничка историја“. Во книгата за „потрагата на Бугарите по прататковината“ Пламен В’лов го цитира бугарскиот академик-историчар Васил Ѓузелев, кој нагласува дека „ прататковината на т.н турко-алтајска заедница, кон која припаѓаат не само Прабугарите… е источен Казахстан, од каде што започнува нивното патување кон запад…“ Според Ѓузелев, “прабугарскиот јазик во натписите и други паметници е во основата турски – алтајско-турски јазик, со ирански заемки како вторични слоеви.“

Во научниот труд „Словените, Турците и Индо-иранците во раниот среден век – јазични проблеми на бугарската етногенеза“ тракологот-историчар Стефан Јорданов вели дека „тракиската“ и „словенската теорија“ за етнојазичната припадност на прабугарите немаат приврзаници во научната јавност. Но, Јорданов прифаќа можности прабугарите да биле Турко-алтајци, Фино-угри, Сармато-алани или „мешани етнолингвистички луѓе“. Ангел Галабов, академик-професор по медицински науки, во едно интервју прави вакво разликување: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените. Старите Бугари биле од европски тип. Ние сме словенојазични Бугари. Прабугарите го дале името Бугарија и тие се носители на нејзината државност, цивилизација.“

Е, сега, каква врска и каква „заедничка историја“ имаат Македонците со Оногундурите, со Турко-Алтајците, со Сармато-аланите, или што и да биле Бугарите првично?! Каква врска и „заедничкост“ има македонскиот јазик со турко-бугарскиот, прабугарско-алтајскиот јазик, или што и да бил првично бугарскиот јазик?! Големи разлики има и меѓу современиот македонски и современиот бугарски јазик на фонетско, морфосинтаксичко, лексичко, а особено на антрополошко- лингвистичко рамниште.

Дилемите на Бугарите за нивното етничко потекло и јазик се денес дел од главните причини зошто посегаат по македонскиот идентитет: бидејќи се уште немаат осознаено кои се и од каде се, тогаш „разјаснуваат“ со она го имаат Македонците, присутни на Балканот многу векови пред Бугарите, присвојувајќи ги македонскиот идентитет, јазик и историја. Македонците немаат потекло од иранските или турските степи, од азиски или други простори како Прабугарите. Македонците како народ настанале на простори илјадници километри подалеку од прапределите на бугарскиот народ. Македонците немаат турско-алтајски и други лексички слоеви во македонскиот јазик. Вистината во врска со соодносот меѓу Македонците треба да се бара во насоката обратна од „санстефанските“ великобугарски идиотштини: Прабугарите во следните векови од нивниот етнојазичен развој започнале да се словенизираат, а потоа делумно и да се македонизираат, преку контактите со македонскиот етнос! Македонците влијаеле врз денешните Бугари, а не тие врз нас!

„Егејска Македонија е трезорот на македонскиот идентитет“ – таму настанале денешниот македонски народ и јазик

Кои се, пак, Македонците, кај настанал нивниот етнос, идентитет и јазик? Што се однесува до настанувањето на македонскиот народ и македонскиот јазик, во својот научен труд со наслов „Македонскиот лингвистички и етнички идентитет во Западна Егејска Македонија“ од 2001 година германскиот лингвист-славист Кристијан Фос изнесува научна вистина, која мора секој Македонец да ја запомни засекогаш: „Егејска Македонија е сефот, трезорот на прототипскиот македонски идентитет.“ Пред дваесеттина години Фос реализирал научна студија со теренски дијалектолошки истражувања во 270 македонски села во Егејска Македонија, во северна Грција, и успеал да се „нурне“ во самото битие на македонскиот народ, во неговиот јазик. Затоа со аргументи докажува дека во најраните мигови на својата етногенеза и лингвагенеза, во антиката, македонскиот народ со својот македонски идентитет и со својот македонски јазик настанал токму на просторите на Егејска Македонија, во Костур, Воден, Постол, Солун, Лерин…

Овој став на Фос се совпаѓа со многу историски и други факти. Аргеадите, првата династија на кралеви-основоположници на Македонското Кралство, која владеела со Античка Македонија од околу 700 година пред нашата ера до 309 година пред нашата ера, е основана во Орестида, денешно Костурско. Во својот научен труд со наслов „Македонскиот идентитет и историските проучувања“ од 2020 година Билјана Ристовска-Јосифовска, професор во Институтот за национална историја и специјалист за политиките на колективната национална меморија и идентитет, аргументира кои се основните македонски идентитетски одредници низ целиот временски континуум од антиката до денешни дни: „Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои подеднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја .“

Овде запираме со претставувањето на научните факти и аргументи за настанокот на македонскиот народ и јазик, кои датираат од антиката, а не од 1944 година наваму, не и од 7-9 век, кога словенските племиња, дојдени на Балканот, започнуваат да се мешаат со домородното македонско население, кое ги има своите први корени во античка Македонија. Постои и се одржува жива и непрекината врска на денешните Македонци со античките Македонци, на современиот македонски јазик со античкомакедонскиот јазик, на денешна Македонија и античка Македонија.

Македонија веќе стана „гробишта на ЕУ-идеалите“ и затоа се треба целосно да се „ресетира“

Не случајно се заграбаа денешните Грци по античко-македонското наследство преку „Преспанскиот договор“, иако тоа нема никаква врска со нивната историја и духовно-културно наследство. Науката за ова има не море, туку океан докази. Оттука, секој македонски политичар, секој научник и секој член на историските комисии, вклучувајќи го и македонскиот „девизен академик“, мора да ги зема предвид сите споменати факти од науката за Бугарија и Македонија. Никој не смее да се обидува да ги брише минатото и историјата на македонскиот народ. Тоа не е ни можно.

Во една своја статија уште во нејзиниот наслов политичкиот аналитичар на сеевропската телевизизиска информативна мрежа „Еуроњуз“ Александар Брезар минатата година го постави прашањето: „Дали може **** Македонија да стане гробишта на идеалите на ЕУ?“ ЕУ ја поддржа Грција и ја присили Македонија да го потпише „Преспанскиот договор“. ЕУ ја поддржува и Бугарија и ја присили Македонија да ги прифати и „Бугарскиот договор“ и монструозниот „француски предлог“, но сега и да ги „вдоми“ „македонските Бугари“ во својот Устав. Поради сево ова и навистина Македонија веќе стана „гробишта на ЕУ-идеалите“: почитување на самоопределувањето и самоидентификувањето, на различноста на европските јазици, идентитети и нации…

Потребно е целосно „ресетирање“ на извршната власт и на сета државна внатрешна и надворешна политика на Македонија преку брзи предвремени парламентарни избори. Потребно е целосно „ресетирање“ и на македонско-бугарските и македонско-грчките односи. Основен предуслов за тоа е „Преспанскиот и „Бугарскиот договор“ да се фрлат на ѓубриштето на историјата. Треба да им се стави крај и на мајтапењата со Македонија наречени „европски скрининзи“, оти тие се дрско продавање магла“ дека ќе отпочнат некакви преговори. Целта е, всушност, само пак да се смени Уставот и конечно да се „размонтираат“ оваа каква-таква држава и македонскиот идентитет.