Би-Би-Си Шкотска: Миовски ја прави разликата во корист на Абердин

Анализирајќи го полуфиналето на Лига купот меѓу Хибернијан и Абердин што го реши Бојан Миовски, шкотската редакција на Би-Би-Си со еден куп комплименти за напаѓачот на „донси“ и на фудбалската репрезентација на Македонија.

„Добрата игра на крајот е залудна ако не можете да ги искористите вашите шанси, а тоа се случи со Хибернијан бидејќи беше елиминиран од Виаплеј купот од страна на Абердин, која одвај дојде до здив.

Ретко кога вредноста на квалитетен центарфор дошла повеќе до израз отколку на ‘Хемпден’, бидејќи Хибси пропуштаа шанса по шанса, пред да бидат казнети со смртоносниот финиш на Бојан Миовски.

Абердин имаше едно отворање, еден чист поглед кон голот, но Миовски ја покажа присебноста што им недостигаше на Хибси, ја зграпчи својата шанса и му го обезбеди патот на својот тим до финалето наспроти сите прогнози.

‘Тоа е неверојатно чувство’, изјави репрезентативецот на Македонија. ‘Секогаш е посебно да се победи во ваков вид натпревар, сите играчи работат за овој момент. Јас сум напаѓач и морам да постигнувам голови – не е важно дали е полуфинале, финале или во лигата. Притисокот е секогаш врз напаѓачот. Се разбира, ова е нешто посебно, бидејќи тоа беше победничкиот гол’.

Миовски е најдобар играч на Абердин оваа сезона, стартер во секој натпревар, со 10 гола и три асистенции од 18 настапи, а најмногу го ценат неговиот менаџер и неговите колеги.

‘Бојан е човекот на кој сакавме да му се укаже таа шанса’, рече капитенот Грем Шини.

‘Бојан веројатно можеше да постигне хет-трик на крајот’, додаде тренерот Бери Робсон.

Треба само да ја погледнете статистиката на Миовски за да видите што носи на своја страна.

Неговиот процент на реализација во шкотскиот премиерлигаш оваа сезона е 17,4% – на Абердин без него е 12,3%.

Тој има повеќе од 20 отсто од контактите со топката на Абердин во противничкиот шеснаесетник, а никој на ‘Питодри’ не е ни блиску до неговото салдо голови.

‘Тој недостиг на концентрација на Хибси му дозволи на Миовски да истрча и да го направи она што го прави најдобро, а тоа е да постигнува голови’, рече легендата на Абердин, Вили Милер, за ‘Спортсаунд’. ‘Тој беше убиствен, се проби и ја заби топката во мрежата’.

Друг поранешен репрезентативец на Шкотска, Џон Колинс, е слично импресиониран.

‘Откога Миовски е во Абердин, тоа е она што го докажа. Тој добива шанси и ги користи повеќето од нив’, рече тој. ‘Денеска тоа беше разликата. Ним им се укажа шанса, веројатно една вистинска блескава шанса, и тој ја заби топката во задниот дел од мрежата во клучен, клучен момент од играта, кога тие само што останаа со 10 играчи. Тој трчаше и бркаше – едвај да имаше удар цел натпревар – но 15 минути до крајот тој сè уште има моќ во тие нозе за пробив. Дали ја зачува смиреноста или ја префрли топката преку пречката? Не, тој ја смести во долниот агол’.

Самиот Миовски откри колку го поттикнала поддршката од навивачите на Абердин што допатуваа и им ја посвети победата ним.

‘Навивачите на Абердин се секогаш зад нас’, рече тој. ‘Не е важно дали сме дома или на гости. Никогаш не сум го доживеал ова во друг клуб. Ме мотивираат на теренот и ова финале е за нив’.

Водечкиот стрелец на Абердин е нивниот човек за големата пригода и сигурно нема да се обложите против тој повторно да слави на ‘Хемпден парк’ по финалето на 17 декември“, се вели во анализата на Би-Би-Си Шкотска.

Голот на Миовски за финале на Абердин во шкотскиот Лига куп: