БГНЕС: Германија ја притиска Македонија да ја признае бугарската заедница

Претседателот на Германија ја повика Република Македонија да ја признае бугарската етничка заедница во земјава, јавува БГНЕС за пораките кој вчера ги упати германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер кој е во дводневна посета на земјава .

Кандидатурата на РСМ за членство е попречена од спорот со Бугарија, кој може да го блокира проширувањето на ЕУ – процес кој бара едногласна согласност од сите земји-членки. Предмет на спорот е историјата и културното наследство. За да се реши тоа, Македонија се обврза да го промени својот устав, признавајќи го постоењето на етнички Бугари во земјата, потсетува агенцијата.

Штајнмаер рече дека уставниот амандман е „важна одлука“ бидејќи ќе обезбеди напредок во преговорите со ЕУ.

Тој истакна дека во исто време останува важно за Македонија да го продолжи процесот на внатрешни реформи.

БГНЕС потсетува дека пред да се појават несогласувањата со Бугарија, Македонија реши уште еден спор – со Грција, која исто така се закани да ја попречи нејзината кандидатура за членство во ЕУ.