Инфраструктурни, а не политички се причините што стојат зад одлуката на Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) натпреварот со Македонија на стартот од Лигата на нациите на 2 јуни да се одигра во Разград наместо во Софија.
„Во основата на одлуката за преместување од Софија е недоволно добрата состојба на Националниот стадион ‘Васил Левски’. Стадионот во Разград е единствениот во земјата што одговара на барањата на УЕФА, а за ‘Васил Левски’ секогаш се правени компромиси“, објасниле од БФС за бугарскиот весник „Дневник“.
„Во Фудбалскиот сојуз ги имаат на ум можните тензии околу мечот со Северна Македонија, но посочуваат дека тоа нема никаква врска со одлуката мечот да се одржи во Разград“, пишува весникот.
„Хувефарма арена“ во Разград има капацитет од 10.422 места за седење и на неа е домаќин Лудогорец, неприкосновен шампион на Бугарија во последните 10 сезони. На овој стадион Бугарите ја пречекаа Босна и Херцеговина во пријателски натпревар во 2018 година.