Министерот за финансии Фатмир Бесими се пишмани. Иако пред два дена на брифинг со новинарите кажа дека сега не било најповолно време за зголемување на платите за работниците, бидејќи ќе се зголемел дефицитот во буџетот, денеска даде контра изјава, рече дека такво нешто не кажал и дека се работело на методологија за усогласување на платите за администрацијата.

И додека примањата на министерот за финансии пораснале за над 50.000 денари, Бесими рече дека сега не било најповолно време за усогласување и зголемување и на платите во јавниот сектор, поради инфлацијата.


  • Не сум многу омилен министер кај синдикатите, затоа што велам дека не може да се покачат платите во јавниот сектор ако нема зголемување на продуктивноста и ако не се зголемат платите во реалниот сектор. Сметам дека сега не е најповолно време бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и ќе го зголеми дефицитот во Буџетот, кажа министерот на брифингот со медиумите.

На што се должи ваквата изјава на првиот финансиер, за сега е нејасно. И додека Бесими ставуваше дека растот на платите годинава би ја зголемила инфлацијата, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека покачување треба да има годинава. Рече дека предлогот на синдикатите за пресметка на платите е прифатлив, но се чекале анализи – колку на тој начин би изнесувале платите.

Инаку, Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефицинетите на плати со која се овозможи на фунцкионерите да си ги зголемат платите за 78%. Според пресметките за покачените плати, годишно ќе се одвојуваат над 15 милиони евра.