Првата меѓувладина конференција за Македонија ќе започне годинава а Албанија се уште ги исполнува условите, ова го изјавил германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.
Како претседавач со ЕУ Германија планира да ја одржи првата Меѓувладина конференција за Македонија и Албанија до крајот на годинава изјавил министерот за надворешни работи на Германија на конференцијата “Младите миграцијата и демографските предизвици во Западниот Балкан” што заврши вчера.
Според Еуроњуз додека за Македонија Мас потврдил дека меѓувладината конференција навистина ќе се случи годинава, за Албанија почетокот на преговори зависи од тоа дали ќе ги исполни задачите од Брисел.
“Ја отворивме вратата за пристапни преговори со Албанија и Македонија. Планираме да ја имаме првата Меѓувладина конференција со Македонија пред крајот на германското претседателство со ЕУ (декември). И ако условите се исполнети исто така и со Албанија”, порачал Мас пренесува Еуроњуз од каде се тврди дека четири земји членки на ЕУ: Франција, Холандија, Данска и Шпанија остануваат скептични за влезот на Албанија во унијата.
Во вторник Холандскиот парламент побара албанската влада да одговори на неколку дополнителни прашања поврзани со влезот во ЕУ.
Во исто време неколку други земји како Италија и Бугарија инсистираат Македонија и Албанија да не се делат туку заедно да ги почнат преговорите со ЕУ.
Изјавата на Мас не ја пренесе ниту еден македонски медиум ниту власта која имаше свои претставници на конференцијата не се пофали со најавата на Мас што отвара дилеми за други пречки за Македонија, најверојатно со Бугарија, за кои не знае ниту германскиот министер.