Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска ги урна надежите на Македонија дека Бугарија може да попушти Скопје да почне преговори без да се откаже од својот идентитет.
“Процесот на проширување на Европската унија ќе оди многу тешко ако Македонија и Бугарија не го решат билатералниот проблем”, рече денска Мас одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи и бугарската колешка Екатерина Захариева на средбата во рамки на Берлинскиот процес.
„Ако еден од кандидатите има нерешени прашања, политички или проценка на историските настани во регионот, таа земја ќе мора да разговара со земјата членка со која што има проблем и да најде решение. Формирањето на комисијата со историчари беше со задача да го реши тоа и се надевам дека ќе најде решение. Но, додека постои проблемот ќе биде многу тешко да се организира процесот за проширување и одржувањето на меѓувладината конференција“, порача Мас, чија земја е претседавач со Европскиот совет до декември.
Мас вели дека ЕУ не може да се меша во билатерални проблеми на земјите членки и за да се одржи меѓувладината конференција, потребен е консензус од сите 27 земји членки вклучувајќи ја и Бугарија.
„ЕУ не може да се меша во билатерални проблеми. ЕУ има 27 членки и Бугарија е една од нив и затоа интересите на Бугарија мора да бидат почитувани, тоа за жал е случај. Овие прашања мора да ги решат двете земји, тоа е предуслов да се одржи меѓувладината конференција“, изјави Мас.