Пишува: м-р Свето Тоевски
„Преку средбите со државниот врв и опозицијата денес во Скопје германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ќе се обиде да им даде поттик на уставните измени со кои Бугарите и другите заедници треба да бидат вметнати во Уставот.“ – објави Македонската редакција на германскиот официјален медиум Дојче веле во статијата со наслов „Бербок: Не смееме да ги изневериме Македонките и Македонците“.
Дојче веле пишува: „Бербок изјави: ‘Големите надежи и очекувања, кои луѓето во * Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено: Опасност затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, ако како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки, кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување.“
„Самоопределувањето на Македонките и Македонците“…
„Пред нејзината посета германското Министерство за надворешни работи оцени дека главната цел на посетата на Бербок е откочување на процесот на уставни измени. Тоа го најавува и Бербок во изјавата: ‘Можам добро да сфатам дека во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се расправаат во * Македонија со срце и страст. Тоа ни кај нас не е различно и е природно при важни прашања како промена на Устав. Но искуството покажува: во вакви ситуации се исплаќа да се тргнат настрана партиско-политичките калкулации, да се водите од јасна цел и во таа насока одлучно да се борите.“
„Широката поддршка во парламентот на * Македонија за промена на Уставот ќе испрати сигнал не само во самата земја, туку и подалеку во целиот регион.’ – изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок пред посетата на Скопје.“
Ја пренесов статијата на Дојче веле во целина заедно со пораките на Аналена Бербок, бидејќи е потребно да се изанализираат и да им биде даден соодветен МАКЕДОНСКИ ОДГОВОР на тие ставови на Бербок, кои ја одразуваат и официјалната политика на Германија кон Македонија. Најголемото мнозинство на македонскиот народ веќе нема никакви очекувања за „ЕУ-иднината“, туку има очекувања никој да не внесува туѓи и непостојни „државотворни народи“ во Уставот на Македонија!
1. Сосема е точен ставот на Аналена Бербок дека „не треба да се изневерат очекувањата“ и тоа не на „големото мнозинство“, туку на најголемото мнозинство на граѓани во земјата“, на „Македонците и Македонките“. Но, какви очекувања да не се изневерат? Дали Бербок знае, или не сака да обрне внимание на последните анкети дека тие очекувања на ова најголемо мнозинство на македонскиот народ се да не се вршат никакви промени на уставот на нивната држава Македонија, а камоли во него да се вметнуваат Бугарите како „државотворен народ“?
2. Ова најголемо мнозинство на македонскиот народ нема никакви „големи надежи и очекувања за пристапниот процес“, тоа веќе сфатило дека „пристапниот процес е опасност“ за него, ако се дозволи внесување кои било други „државотворни народи“ во највисокиот правнополитички акт на Македонија, што е преседан, кој го нема никаде во светот.
3. Германската министерка Бербок тврди дека „на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство“, во реалноста е сосема поинаку од ова што го кажува таа: на се повеќе учесници во процесот на проширување на ЕУ им е се повеќе јасно дека тоа проширување е блокирано, оти нема да има никаква „европска иднина“ ниту за Западниот Балкан, а за Македонија воопшто и не станува никаков збор.
Сијарто лаже, или Бербок кажува „евроинтеграциска вистина“?
Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто денеска се огласи со признанието дека „земјите од Западна Европа не се искрени кога зборуваат за проширувањето на ЕУ“. Во интервју за РТРС тој изјави: „Кога сме зад затворени врати, 27-те земји членки, тогаш тие зборуваат многу против проширувањето. Тие се загрижени, многу работи се вештачки и не се подготвени да одат кон проширување. Значи го успоруваат процесот. Ги повикуваме да не го прават тоа.“
Дали Аналена Бербок ќе каже дека лаже нејзиниот унгарски колега Сијарто, кога ја разоткрива нејзината неискрена изјава во врска со „ветер и магла“ – евроинтеграцијата на Македонија?
Македонците со срце и страст ги бранат своето македонско самоопределување и идентитет, својот македонски јазик и култура
4. Во своите пораки пред доаѓањето во Македонија Бербок ќе каже уште еден став стопроцентно точен: „Во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се расправаат во * Македонија со срце и страст.“ Таа додава уште нешто, што е од клучна важност: таа го нагласува „самоопределувањето“.
Но, шефицата на германската дипломатија не знае, или не сака да обрне внимание и на фактот дека најголемото мнозинство на македонскиот народ со срце и страст застанува во одбрана на правото на сопственото македонско национално и идентификациско самоопределување, во одбрана на сопствениот македонски идентитет, на сопствената македонска историја, на сопствениот македонски јазик и на сопствената македонска култура, кои ќе бидат не само крајно загрозени, туку и подложени на бугаризација и конечно и трајно исчезнување и уништување.
Во овој контекст едно прашање: дали е можно дека не знае Аналена Бербок оти настојувањето на официјална Софија да влезе „државотворниот бугарски народ во Македонија“ во Уставот е и обид да се остварат антимакедонските цели на великобугарскиот врховизам и „санстефанскиот сон“ на официјална Бугарија дека „Македонија е втората бугарска држава на Балканот“? Дали е можно дека не знае Аналена Бербок оти во Македонија не постои, дека не живее никаков „бугарски државотворен народ“, туку оти има само 3500 Бугари, според последниот попис?
5. Германската министерка Бербок апсолутно не разбира, или свесно ја игнорира реалноста кога одбивањето да се внесат Бугарите во Уставот го сведува на „партиско-политички калкулации“. Тоа е најпрво општонароден отпор, а „партиско-политичките калкулации“ не се главни, туку се апсолутно безначајни, бидејќи ниедна партија не смее да чепне во Уставот!
За Аналена Бербок е, всушност, е неважен и не постои цел еден народ, македонскиот, кој веќе го прави токму тоа што таа го советува: “Да се води од јасна цел и во таа насока одлучно да се бори“! Но, се води од јасна цел и одлучно се бори не за некаква „фантомска“ евроинтеграција, туку против промената на Уставот и неговото бришење како македонски народ со сите негови идентификациски белези.
Дали водена од амбициите за „Германски Четврти Рајх“ денес Германија ја поддржува својата сојузничка во фашистичката коалиција на Адолф Хитлер и бугарскиот цар Борис Трети во Втората светска војна?!
6. Зошто големата Германија-водечка држава во ЕУ и нејзините највисоки политичари претседателот Штајнмаер, канцеларот Шолц, а денес и министерката за надворешни работи Бербок доаѓаа и доаѓаат во географски малата и за ЕУ безначајна Македонија, поради какви цели и интереси? Директно и најотворено прашувам: дали Германија се стреми повторно да стане „Германскиот Четврти Рајх“, откако пропадна сонот за „фашистичкиот Трети Рајх“, дали поради ова Германија ги поддржува „промените во Уставот“, што е апсолутно поддршка и за новиот фашизам на официјална Бугарија кон Македонија, кон својата сојузничка во фашистичката коалиција на Германија на Адолф Хитлер и бугарскиот цар Борис Трети во Втората светска војна?!
Фашизам бил и секогаш ќе биде негирањето на постоењето на народите и нивното геноцидното уништување било физички преку холокауст, во „концлогорите на смртта“, било со геноцидното уништување на идентитетот на еден народ и неговото тотално обезименување, како што тоа се обидува да го направи и сегашна Бугарија кон Македонците!
7. Кога веќе стигнала во Скопје, Бербок треба ширум да ги отвори учите и умот, за да чуе и да разбере дека нема и ниту ќе има кога било „широка поддршка во парламентот на * Македонија за промена на Уставот“. За да чуе и да разбере Бербок дека македонскиот народ веќе испратил „сигнал не само во самата земја, туку и подалеку во целиот регион“, но со порака спротивно на тоа што таа го замислува;. „Ние, Македонците веќе не сакаме да влеземе во ЕУ како народ без име и идентитет, како држава без име, како ‘северна територија’, која ќе стане плен за поделба и распределба меѓу ‘добрите соседи’ и другите ‘домашни заинтересирани страни’.“
Што и е грижа на Аналена Бербок за македонскиот народ, дали ќе биде загрозен од промените на Уставот, кога не се грижи најпрвин за сопствениот германски народ?!
Толку за посетата на Аналена Бербок и нејзините пораки. А што да се очекува од неа, како на човек и политичар, да и е грижа за македонскиот народ, кога таа самата си има кажано дека не и е воопшто грижа најпрво за нејзиниот германски народ, за нејзините германски гласачи! Во својата статија со наслов „Поддршка за Украина: не е важно што мислат моите германски гласачи“, објавена на 5 септември 2022 година, информативниот портал „Јуропиен конзервативе“ информираше за огромните реакции во Германија, поради скандалот, кој го предизвика Аналена Бербок, јавно откажувајќи се од своите германски гласачи.
„Јуропиен конзервативе“ имаше објавено: „Германската министерка за надворешни работи предизвика бркотница, откажувајќи се од нејзините гласачи. Опозицијата бара нејзина итна оставка. На интернет кружат барања за оставка на Бербок. За време на дискусијата на подиумот во Прага, таа ги омаловажуваше своите гласачи, велејќи: ‘Не е важно што мислат моите германски гласачи, сакам да го исполнам ветувањето, кое им го дадов на луѓето на Украина дека ќе бидеме со нив се додека ќе им требаме.“
„Нејзината изјава предизвика голема бура во Германија. Шефот на партијата АфД Алис Вајдел ја обвини Бербок дека не се грижи за граѓаните на Германија. ‘Тоа не се мои зборови, туку се нејзини. Со ова таа признава дека ‘Семафорската’ партиска коалиција’ работи свесно против народот во оваа земја.’ – напиша Вајдел на Твитер.“
„Пратеничката Севим Дагделен од Die Linke (Левица) ја означи како ‘целосен неуспех’ политиката на Бербок ‘Украина на прво место, не ни е грижа за граѓаните’. Норберт Ротген од христијанско-демократската ЦДУ и порача на Бербок: ‘Демократските политичари мора да се обидат да ги убедат луѓето со аргументи, а не само со кажување ‘баста – доста’. Хаштагот #BaerbockRuecktritt (Бербок Оставка) беше тренд на твитер, но официјалните реакции досега јасно ставија до знаење дека изјавите на Бербок нема да имаат никакви последици, барем се додека луѓето не излезат на улиците, како што предвиде самата Бербок.“
Кога Аналена Бербок го омаловажува и го понижува како неважен сопствениот германски народ, што да се очекува од неа за туѓиот македонски народ, освен и таа да се обиде да ги погази македонските државно-национални интереси во геостратегиската трка кој попрв ќе стане нов “газда“ и наредбодавец на Балканот и на Македонија: дали Американците, дали Англичаните, или Германците?!
Дали само германскиот народ има право да ја извршува својата уставна власт, а македонскиот народ нема такво право?!
На крајот на оваа анализа уште и само кус осврт на Уставот на Германија. Во преамбулата на германскиот Устав не се наведува никаков друг народ, ниту етничка заедница, туку само и исклучиво германскиот народ. Покрај другото, во таа преамбула пишува: „…германскиот народ во остварување на својата уставна власт го донесе овој Основен закон. Германците … ги постигнаа единството и слободата на Германија во слободно самоопределување. Овој основен закон така се однесува на целиот германски народ.“
Зошто само германскиот народ да има право „да ја извршува својата уставна власт“, а македонскиот народ да нема право да ја извршува својата уставна власт во сопствената суверена држава Македонија? Зошто само германскиот народ да има право на слободно самоопределување, а македонскиот народ да нема такво право, туку да мора „слободно да се самоопределува“ како „новоосознаени и благонадежни Б’лгари“, што е целта на промените на Уставот?!
Во Поглавјето 1 а Уставот на Германија под наслов „Основни права“ – член 1 се наведува: (1) Човечкото достоинство е неповредливо. … Да се почитува и да се заштитува ќе биде должност на сите државни органи; (2) Германскиот народ затоа ги признава како неповредливи и како неотуѓиви човековите права како основа на секоја заедница на мир и правда во целиот свет.“
Зошто исто како и „неповредливото човечко достоинство“ на Германците така не се третира и правото на „неповредливост на човечкото достоинство“ и на Македонците, кое право ќе биде во апсолутна смисла повредено и тоа критично, ако би влегле Бугарите во македонскиот Устав?! Зошто Бербок и другите германски политичари не им ги признаваат и на Македонците како неотуѓиви и нивните права на мир и правда како што се обврзани согласно со Уставот на Германија, настојувајќи неправедно да се бугаризира македонскиот Устав?!