Минатата година до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство. Претседателката на Комисијата, Весна Бендевска изјави дека институцијата има високо ниво на самостојност и е важна во моментов, поради изјавите на припадници на бугарското малцинство во Северна Македонија кои велат дека им се загрозени правата а нема каде да се жалат.

„При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен.

Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место, појасни Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.