Белгија прогласи „терористичка тревога“ откако беа застрелани двајца Швеѓани во Брисел, a напаѓачот е во бегство (ВИДЕО)

Белгиската влада го опиша фаталното пукање во понеделникот и убиството на двајца шведски државјани во Брисел како тероризам и распореди дополнителна полиција за да го спречи осомничениот да ја премине границата.

Премиерот Александар де Кро го опиша нападот како „страшен“ и испрати сочувство до својот шведски колега. „Како блиски партнери, борбата против тероризмот е заедничка“, додаде тој.

„Белгија и Шведска се обединети против теророт“, рече белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб, испраќајќи сочувство и до Стокхолм. Лахбиб додаде дека е „згрозена од терористичкиот напад“ во срцето на Брисел и дека „мора да се мобилизираат сите потребни средства за борба против радикализмот“.

Двете жртви биле застрелани околу 19:15 часот по локално време во центарот на Брисел. Полицијата претпоставува дека станува збор за навивачи на шведската репрезентација кои биле во посета на главниот град на Белгија. Квалификацискиот натпревар Шведска – Белгија за Европското првенство 2024, кој се одржуваше на стадионот „Хејсел’, беше прекинат на полувремето, а навивачите останаа затворени на трибините како безбедносна мерка.

Непроверена снимка објавена на социјалните мрежи покажува дека осомничениот, облечен во портокалова јакна и со бела кацига, се симнува од скутер пред да отвори оган на улица. Мажот ги следел цивилите кои избегале во блиската станбена зграда, испукал уште неколку истрели од својата пушка и побегнал со скутерот.

Очевидци изјавија за белгиските медиуми дека напаѓачот извикал „Алаху акбар“ пред да отвори оган.

Друго видео кое кружи на интернет покажува брадест маж кој носи иста облека, зборува арапски и вели дека сака да ги „одмазди муслиманите“ убивајќи „неверници“, според весникот „Судинфо“. Белгиските медиуми се сомневаат дека стрелецот дејствувал во име на терористичката група Исламска држава (ИД, порано ИСИС), иако полицијата допрва треба официјално да го потврди или негира тоа.