Ако некој функционер сака отпосле да ја донира својата зголемена плата, нека го прави тоа „потивко“, а не да се фали на цел глас дека е хуманитарец, поентираше министерот за економија Крешник Бектеши, откако дел од политичарите се пофалија дека ако им се зголемат платите ќе ги даруваат во хуманитарни цели.

Јас сум само еден член на Владата, но било која одлука да ја донесе Владата ќе ја почитувам – рече Бектеши на прашањето дали Владата ќе донесе нова одлука со која ќе ги замрзне платите на именуваните функционери, кои согласно последната одлука на Уставен суд треба да добијат покачување на платите од 78 проценти.

-Јас бев на пат заедно со премиерот во официјална посета на Србија кога беше отворената темата за зголемените плати на функционерите. Тоа е одлука на Уставен суд, не е одлука на Владата и со неа се опфатени сите функционери, не само министрите, туку сите именувани лица во земјава. Јас ќе поддржам секаква одлука која ќе ја донесе Владата, но морам да истакнам искрено една работа, бидејќи гледам во јавноста, излегуваат политичари кои изјавуваат дека ќе донираат дел од тие средства, сакајќи да испаднат хумани. Тој што сака да донира, не мора да го прави тоа јавно. Вакви ситуации не треба да се користат за да се покажеме хумани или да добиваме политички поени. Затоа ќе чекам на одлуката на Владата која ќе биде колективна одлука за сите – објасни Бектеши.