Бебе старо 37 дена најмлада жртва на Ковид-19 во Грција

Новороденче старо само 37 дена, хоспитализирано во детската болница во Атина со дијагноза Ковид-19, е најмладата жртва на пандемијата во Грција, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Машкото бебе родено на 29 јануари било примено на 13 февруари, кога имало 16 дена, во специјалниот инфективен оддел на болницата „Света Софија“ со ринитис и треска. Направениот лабораториски тест му бил позитивен на коронавирус и по пет дена покажалио проблеми со дишењето.

„И покрај соодветниот третман, дојде до понатамошно влошување на состојбата и беше интубирано на 19 февруари. Првично беше ставено на конвенционална механичка вентилација, но поради еволуираната слика на АРДС, на 22 февруари беше приклучено на респиратор со многу високи параметри. Новороденчето почина на 7 март во 23:45 часот на возраст од 37 дена“, соопштија од болницата.

Во последното деноноќие во Грција беа регистрирани 1.165 нови случаи и 39 починати. Досега кај јужниот сосед на Македонија се евидентирани 206.281 заболени од Ковид-19 и 6.797 починати.