Францускиот амбасадор во Скопје Сирил Баумгартнер е обвинет дека лаже и им се заканува на Македонците во врска со таканаречениот Француски предлог што за екс амбасадорот Ристо Никовски е бугарски.
Никовски во колумна за Плусинфо го обвинува францускиот амбасадор дека лаже кога вели дека желбата за промена на уставот е на Македонија. Според екс амбасадорот тоа е манипулација.
,,Кого лаже францускиот амбасадор?
Прва фаза е готова, драг Сирил, а за да почнат преговорите, Македонија, монструозно натерана од ЕУ, предводена од твојата Франција, мора да го смени Уставот. Ти се гордееш со тоа, што покажува дека работите ги разбираш. И, замисли, бирократските идиоти и кретени од Брисел тврдат дека ЗАЛОЖБАТА за промена на Уставот била – наша! Не се тие виновни. Нашле овци, и ќе ги стрижат под кожа.
Во интервју за Радио Слободна Европа, пренесен во Нова Македонија, од 21/12/2022, францускиот амбасадор во Скопје изгледа како да води партиска и политичка кампања што, едноставно – запрепастува. Сосема е неспорно дека, кога се работи за интеграцијата во ЕУ, нашата власт намерно и неконтролирано го лаже народот. Свесна дека мнозинството сака во Унијата, со нереална надеж дека така ќе му се решат проблемите, таа е спремна на сѐ, со цел да ја задржи позицијата која ја има. И, во недостаток на испорачани дела и вредности, шири измислици за да ги контролира масите. Но, со кое право, во нашите внатрешни работи се меша амбасадорот на Франција, и дури го лаже народот?
Францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер, не е прв од европските политичари коишто, очигледно, доаѓаат во земјава со цел да нѐ заведат, за да ги реализираат нивните нелегални и нецивилизациски европски интереси во однос на Македонија и Македонците. Не е спорно дека за ЕУ и нејзините членки, особено главните, е исклучително важно Македонија да си го смени Уставот и да ја забрза бугаризацијата на македонскиот народ.
Тоа е нивна политика, диктирана од САД, којашто ни ја наметнаа на крајно безобразен и бескрупулозен начин. Претходно, во однос на Македонија, тие се изрезилија и во случајот со Грција, и сега им се повторува истото сценарио. Заради безумните и нелегални блокади на Македонија, ЕУ се посрамоти како неефикасна и нефункционална. Затоа, сите тие, на чело со германскиот претседател, при неодамнешната посета на Македонија, обидувајќи се да го спасат угледот на Брисел, се прават наивни и зборуваат работи коишто немаат врска со вистината, и се тешко потценување на Македонците.
Францускиот амбасадор, за да не остане покус, во интервјуто вели – „Франција не се откажува од францускиот предлог и доколку… македонскиот Устав не биде ревидиран, тоа ќе значи дека процесот на европска интеграција моментално ќе биде запрен“!
Всушност, тоа е чиста и подла закана и уцена, подметната од нив. И, продолжува – „Првата етапа сега, реално кажано, е дека вашата земја веќе ги почна преговорите за членство. Нема никаков сомнеж во Европа дека вие веќе ги отворивте преговорите и … Македонија денес се наоѓа во иста состојба како Албанија во однос на евроинтегративниот процес“.
Сирил, МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ИМА ЗАПОЧНАТО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ! Тебе ти е јасно што има одлучено Брисел, ама ни тврдиш поинаку, со јасна намера да не доведеш во забуна.
Ова се тешки лаги, извадени од лев ракав! Прво, во основата, францускиот предлог е – бугарски, со којшто, пак, се согласиле нашите предавници. Франција е само злоупотребена за тие кукавички јајца, и нема место за гордост, Сирил.
Второ, Македонија не ги има започнато преговорите. Отворен е само процесот за нивно отворање и завршена е само првата фаза. Втората фаза е срамната и понижувачка промена на Уставот, којашто ни е наметната на силеџиски начин. Ако оваа држава и малку држи до своето достоинство, Уставот нема да го менува под надворешен притисок. Трето, Македонија воопшто не е во иста состојба со Албанија. Тирана ги започна преговорите и нема никакви нови пречки пред неа”, пишува Никовски.
Францускиот амбасадор засега не одговара на обвинувањата од Никовски.
Целата колумна на Плусинфо