Творците на вакцината „Спутник V“ бараат извинување откако висок функционер на Европската агенција за лекови (ЕМА) ја спореди можноста за итно одобрување на таа вакцина со „руски рулет“.
На официјалниот профил на Твитер на „Спутник V“, денес беше објавено дека овие коментари на Криста Виртумер-Хох отвораат сериозни прашања во врска со можно политичко мешање во процесот на тестирање на вакцините.
ЕМА не даде такви изјави за ниту една друга вакцина. Таквите коментари се несоодветни и го нарушуваат кредибилитетот на Агенцијата и на самиот процес на тестирање”, се вели во соопштението.
На 4 март, ЕМА објави почеток на процес на експертиза за вакцината „Спутник V“, при што ќе се испита усогласеноста на лекот со стандардите на ЕУ во областа на ефикасноста, безбедноста и квалитетот.
Некои земји на ЕУ веќе ја одобрија употребата на „Спутник V“, без да чекаат ЕМА да ја регистрира вакцината. Вакцината во моментов е регистрирана во Унгарија и Словачка.