Порталот „Балкан инсајт“ објави дека сателитските снимки на „Google Earth“ од август сугерираат оти четирите борбени авиони Су-25 повеќе не се во Скопје и можеби веќе се во Украина.

Сателитската снимка направена пред неколку дена, споредена со таа претходно годинава, покажува дека авионите не се на нивното вообичаено место на воениот дел од аеродромот во Скопје, а историските снимки на „Google Earth“ од истото место сугерираат дека тие стоеле таму барем од 2012 година наваму.

Балканската истражувачка мрежа БИРН денеска се обрати до македонското Министерство за одбрана со прашање каде се наоѓаат авионите и дали тие биле преместени на друга локација или донирани на Украина. Изворите од Министерството се повикаа само на претходното соопштение оттаму од почетокот на август, кога ниту ги потврди ниту ги демантираше извештаите дека авионите биле испратени во Украина.

Министерството соопшти дека сите податоци за воената опрема испратена во Украина ќе бидат обелоденети „на транспарентен начин“ во догледно време, кога ќе се смета дека тоа е безбедно.

Од почетокот на август никој не можеше визуелно да потврди дали овие борбени авиони се преместени, бидејќи областа на аеродромот каде што се чуваат овие и други авиони е изолирана од љубопитните очи со насипи, пишува „Балкан инсајт“.

Македонија ги купи четирите авиони Су-25 од советско производство од Украина во 2001 година, за да ѝ помогнат во справувањето со терористичката ОНА, а речиси и да не беа користени по воениот конфликт во земјата што заврши подоцна истата година.

Практично пензионирани во 2004 година, тие оттогаш останаа сместени во воената база на скопскиот аеродром со идеја на крајот да бидат продадени или распарчени на делови. Воените планови на Македонија не предвидуваат нови авиони и се фокусираат на одржување и на модернизирање на хеликоптерските сили.

Иако се далеку од врвни, „сухоите“ се сметаат за сè уште ефикасно оружје. Често споредуван со авионот од американското производство „A-10 тандерболт“, Су-25 е конструиран за да ги разбие непријателските тенкови и пешадија блиску до линијата на фронтот и да издржи тешки противвоздушни оштетувања во акциите, зголемувајќи ги шансите за преживување на екипажот.

„Сухоите“ во моментов се во употреба во Украина и од украинската армија, и од руската.

Македонија, која стана членка на НАТО во 2020 година, кон крајот на јули потврди дека испратила 30 тенкови Т-72 од советската ера во Украина, откако на социјалните мрежи беа објавени фото и видеоснимки од нивното транспортирање надвор од земјата.