Балетот на МОБ во јуни ќе гостува во Пловдив со „Лебедово езеро“

Најпознатото балетско дело „Лебедово езеро“ годинава првпат ќе биде изведено во рамките на „Опера опен“ во Пловдив, а дел од меѓународната продукција на претставата што ќе биде изведена на 26 јуни е и Македонска опера и балет (МОБ).

Покрај балетот на МОБ, кој ќе содејствува со балетот и со оркестарот од Државната опера во Пловдив, македонски печат на изведбата на делото на рускиот композитор Петар Илич Чајковски ќе стави и диригентката Бисера Чадловска.

Меѓународната екипа ја сочинуваат и солистичките ѕвезди на Бољшој театар, Алена Ковалева во улогата на Одета/Одилија и Јакопо Тиси, кој ѝ се приклучува на славната театарска куќа од Москва по многуте водечки ролји во балетските трупи на миланска „Скала“ и на виенската „Штатс опера“.

Програмата на „Опера опен“, која ќе трае од 23 јуни до 29 јули и ќе се реализира во античкиот театар во вториот по големина град во Бугарија, опфаќа 11 претстави, од кои три премиери – „Мадам Батерфлај“, „Жизел“ и „Отело“, како и мултимедијален концерт со светски познатата бугарска сопранистка Александрина Пендачанска и концерт со музичките виртуози Веско Ешкенази и Људмил Ангелов.