Контроверзниот новинар Бранко Тричковски дури два пати му ја честитал номинацијата за амбасадор на екс министерот за внатрешни и надворешни работи Љубомир Фрчкоски.
Насловот на постот на Тричковски е “Честитки за Фрчковски” и тој во него признава дека по втор пат му честита на екс кандидатот за претседател за функцијата.
“Може на професорот ќе му се смачи од волку честитки, ама па секој ден човек не оди за амбасадор во Вашингтон. Претпоставувам дека денешната навалица на добри желби е резултат на официјализирање на неговото велепратеничко превасходителство и јас, сеедно што еднаш му испратив честитки, не можам да се држам настрана. Успешен и пријатен ако може така да се каже, мандат, професоре. Прошетај ја земјата, запознај го народот, помогни да се извлечеме од блокадите, да се упристоиме на континентот и во светот, да ја добиеме новата квота историско време од илјада години, објасни и на дијаспората кој е кој во Македонија Северна, прашај ги Американците дали е вистина дека од Месечината се гледа редица чипирани идиоти кои во Северна Македонија чекаат да и се качат на власта и на народот, таканаречени вморони, донеси ги Бостон Селтикс во Скопје, хахаха, и врати се да ни бидеш министер или претседател или обичен другар во Корзо, ќе ни недостигаш тука, со својата аналитика, знаење и дух, со свежината и одговорноста на твојот поглед во овој мутљак што го прават празноглавците на разочараноста и катастрофата”, напишал Тричковски на 10 февруари на Фејсбук.
Вчера јавноста дозна дека Фрчкоски поради проблеми со безбедносниот сертификат за НАТО нема да може да замине во Вашингтон а министерот за надворешни работи Османи рече дека екс министерот никогаш не бил предложен за амбасадор.
Честитката на Тричковски на својот фејсбук профил ја споделил и самиот Фрчкоски кој не ја демантираше веста за амбасадорката номинација во САД.