Бајрами до косовските власти: Побарајте помош од САД да го расветлите злосторот во Глоѓани – во Косово има над 400 нерасветлени убиства

„Расветлете го злосторството во Глоѓани, побарајте помош и од меѓународната заедница. Владата на Косово, Министерството за внатрешни работи, полицијата, Косовската агенција за разузнавање, заеднички треба да понесат одговорност поради немањето резултати за расветлување на убиствата во селото Глоѓани, кај Дечани’ – на фејсбук објави Хикмете Бајрами, пратеничката на Демократскиот сојуз на Косово во косовскиот парламент“ – пренесе косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.

„Бота сот“ додаде: „Според Бајрами, ако косовските институции не ги пронаоѓаат трагите на убиецот / убијците, тогаш треба да се побара помош од пријателите на Косово. ‘На прво место од американските безбедносни институции. Во периодот по војната во Косово има повеќе од 400 нерасветлени убиства. Секое убиство треба да биде разјаснето, а особено убиството на двајцата ученици и на возачот, кои се случија изминатиот петок во Глоѓани. Владата на Косово не треба да штеди ништо, за да се расветли ова тројно убиство’ – напиша пратеничката Бајрами.“

„Бота сот“ информираше и дека новинарката Клодијана Лала ги критикуваше јавно косовската полиција и обвинителството, оти донеле „избрзана одлука кога исклучиле дека не станува збор за терористички акт“. Лала изјави: „Во автобусот имало 9 ученици, додека другите се симнале порано. Според сведочењата на очевидците, едно вооружено и маскирано лице пукало од правецот на шофершајбната на возачот, поради што тој починал веднаш. Ова е организиран чин, почнувајќи од местото и начинот како дејствувал извршителот. Тој го чекал автобусот да пристигне. Избрал шумско подрачје без камери. Ги испукал сите куршуми, на пат каде што има многу малку движење.“

Инаку, косовските медиуми веќе објавија и претпоставка дека можеби убиецот веќе успеал да избега во Албанија под закрилата на ноќта кога пукаше во автобусот.