Бајден слави, демократите ја задржаа контролата во Сенатот

Демократите ќе ја задржат контролата врз американскиот Сенат откако сенаторката Кетрин Кортез Масто победи на реизборот во Невада.

Републиканците остануваат блиску до освојување на контролата во Претставничкиот дом на САД, додека гласачките ливчиња од општите избори во САД во вторник продолжуваат да се пребројуваат.

Со победата на Масто, демократите ќе контролираат 50 места во Сенатот, откако во петокот демократскиот сенатор Марк Кели го одбрани своето место во Сенатот во Аризона.

Републиканците во моментов имаат 49 места .Преостанатото место, од Џорџија, оди во вториот круг во декември. Ако демократскиот сенатор Рафаел Ворнок победи на вториот круг од Џорџија на 6 декември против републиканскиот противкандидат Хершел Вокер, тоа ќе го зголеми демократското мнозинство на 51-49.

Ова ќе им даде на демократите дополнителна предност во носењето на оние закони кои можат да се носат со просто мнозинство.

Во случај Сенатот да биде подеднакво поделен меѓу двете партии, одлучувачки глас има потпретседателката Камала Харис.

„Америка покажа дека веруваме во нашата демократија, дека корените на демократијата се длабоки и силни“, рече на прес-конференција лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, демократ.

Новоизбраниот Сенат ќе положи заклетва на 3 јануари. Задржувањето на контролата врз Сенатот значи дека демократите сепак ќе можат да ги одобруваат кандидатите на Бајден како федералните судии.