Бајден ја објави одлуката за повлекување на трупите од Авганистан до 11 септември

Претседателот на САД, Џо Бајден, ја официјализира одлуката за повлекување на американските сили од Авганистан до 11 септември, на 20-годишнината од терористичките напади во Њујорк.

Повлекувањето на војската од „најдолгата американска војна“ ќе почне на 1 мај.

Во текот на обраќањето од Рузвелтовата соба во Белата куќа, Бајден порача дека по нападите во Њујорк во 2001 година „американските сили заминаа во Авганистан за да се пресметаат со Ал Каеда“.

„Го испративме Осама бин Ладен до вратата на пеколот“, рече тој и додаде дека „време е да ја завршиме оваа вечна војна“.

Претседателот на САД предупреди дека, ако некој ги нападне американските сили во текот на повлекувањето, војската ќе одговори.

„Во последните 12 години носев со себе на карта колку Американци загинаа во Авганистан, 2.488 членови на американските трупи кои загинаа, а повредени се повеќе од 20.000“, рече тој.

Неговиот авганистански колега изјави дека разговарал со Бајден за повлекувањето на американските сили и тврди дека авганистанските сили се „целосно способни“ за одбрана на земјата.