„’ба му кабелот, ‘ба му!“ – Пишува Роберт Димитриевски

Продолжен кабел. Тој да ти бил одговорен за пожарот во модуларната болница во Тетово. Немал друга работа, па се прегреал. Малку му било тоа, па уште и се самозапалил. По што предизвикал таква огнена стихија, што само за три минути живи изгореа 14 луѓе.

Истрагата, која недвосмислено го посочи како главен причинител за досега невидената трагедија во македонска здравстена установа, останува само уште да утврди дали обвинетиот кабел дејствувал самостојно или како дел од злосторничко здружување. Полначот за мобилен телефон и дефибрилаторот што биле приклучени на него би требало да се првоосомничени како соучесници во злосторот. Кабает се и материјалите од кои била конструирана монтажната ковид-болница, кои баш и не морале да изгорат толку брзо. Да издржеле барем уште некоја минута, сетики ќе се донеле од некаде и апарати за гасење пожар. Вака…

Дилеми многу, а Јавно обвинителство само едно. Затоа, најдобро е да му се даде барем уште еден месец за да ги преразгледа и да ги (до)утврди фактите. Тамам дотогаш ќе завршат избориве, со што ќе се смират и страстите, па ќе може објективно да му се одмери вината и да му се пресуди на кабелот-монструм и на неговите евентуални помагатели. А не, поради еден обичен кабел, па нека е и продолжен, да страдаат кандидатите на Ес-Де-Ес и, не дај Боже, да не бидат избрани како „најдоброто за мојата општина“.

Среќа во целава несреќа е што Македонија има мудар премиер, кој, и покрај огромнниот притисок од јавноста, ги сочека резултатите од истрагата и на крајот ги отфрли понудените оставки од министерот за здравство и од неговиот заменик. Каква ли катастрофа ќе беше ако веднаш им ги прифатеше? Ужас невиден.

Во какво својство ќе учествуваше тогаш првиот и кој наместо него ќе се смееше безгрижно на митинзите на владејачката партија? Кој ќе делеше совети за придржување до мерките за одржување дистанца и за носење маска на „граѓанските собири“, кои за него не важат, бидејќи, нели, тој е како Супермен од стикерите од почетокот на епидемијата и него вирус не го фаќа? Да не зборуваме за ненадоместливата штета што ќе ѝ беше нанесена на борбата со короната во севернава им недојдија, за која се пронесе абер од Мадеира до Камчатка и од Хамерфест до Лампедуза.

Корист ќе имаше само претседателот на Владата и на партијата на Венкота, со кој ќе можеа да шпартаат по државава со мотоцикли, квадови и моторни санки и во работни денови, а не само во викенди и на празници. Но, покрај мудар, „драгиот водач“ е и хуман, па реши да го жртвува сопственото задоволство за сметка на корисниците на здравствени услуги, оставајќи им го на услуга и понатаму главниот лик од едицијата „Слушај го Венко“.

Како во продолжението на фамозното видео во кое се спомнува бишкарникот на Мирчо и во кое амнестираниот протагонист порачува „’ба му името, ‘ба му!“, што може човек по сето ова да крикне освен – „’ба му кабелот, ‘ба му!“. Се закани да го „изгори“ министерот, но беше спречен од пламените јазици. И од брат му на Вице Н., кој стави рака в оган за другар му, обидувајќи се да го запрета разгорениот пожар околу владината куќа од карти со гранчето на генерал Стојанче…