Азиланти ја срушија холандската влада

Холандскиот премиер Марк Руте ќе ја поднесе оставката на својата влада до кралот Вилем-Александар откако не постигна договор за мерките за ограничување на имиграцијата, објави државната новинска агенција АНП.

Коалициската влада на Руте пропадна бидејќи по тридневни напнати преговори не успеа да се договори како да се ограничи бројот на баратели на азил во Холандија.

Барањата за азил во Холандија се зголемија за една третина минатата година на повеќе од 46.000, а се очекува да пораснат на повеќе од 76.000 во 2023 година, надминувајќи го претходниот врв од 2015 г.

Ова, според Руте. ќе ги оптоварува институциите за азил во земјата.

Владата на Руте беше формирана пред 18 месеци – во јануари 2022. Сега најверојатно ќе продолжи да работи со привремен статус до одржувањето на предвремените избори, кои се очекува да бидат во ноември.

Марк Руте ја предводи Холандија од октомври 2010 година во четири различни коалиции, со што стана премиер со најдолг стаж во историјата на земјата.