Азески: Задоволни сме од формалната, но не и од суштинската соработка со Владата

Претседателот на Стопанска комора Бранко Азески денеска, преку видео обраќање на владината конференција „Година на нови можности“, порача дека бизнисот е задоволен од формалната, но не и од суштинската соработка со Владата.

Азески уште еднаш кажа дека за развој на државата комуникацијата меѓу приватниот сектор и институциите е клучна.

Време е, потенцира Азески, да престане лиферувањето значајни економски закони кои тешко се усвојуваат во Собранието поради неговата блокада и наместо тоа, да се донесат оние законски решенија кои стојат по владините фиоки десетина години, а се приоритет за функционирање на бизнисот.

-Соработката со Владата мора да претрпи трансформации во делот на почитувањето на нашите барања кои потекнуваат од реалниот сектор и безпоговорно тврдам дека се од интерес и на бизнисот и на државата, истакна Азески.

Тој ги повтори барањата кои Комората ги изнесува подолго време.

-Бараме поголема подготвеност на јавниот сектор, на Владата, во однос на владеење на правото и на почитување на пазарните законитости, посебно на деловите кои се однеусваат на правосудниот систем зашто бизнис заедницата од тоа трпи определени последици. Бараме и зголемување на квoтите за увоз на работна сила. Нашиот став тука е идентичен со оној на Владата, треба да се зголемат квотите, но да се води сметка и за националните интереси, како и за интересите на бизнисот. Време е, исто така, да престане лиферувањето значајни економски закони кои тешко се усвојуваат во Собранието и тој период да се искористи за да се донесат закони кои стојат во владините фиоки две, три, пет па и десет години, како законот за холдинг, промената на членот 218 од Законот за извршување, законот за акционерските друштва, Иницијативата за промена на Одредбата за утврдување на највисоката плата и највисоката пензија во услови кога плаќаме максимални придонеси. Тоа се суштински закони и треба да добијат приоритет, подвлече Азески.

Тој потсети и дека Комората ја донесе Декларацијата за економските политики и мерки која се совпаѓа, како што рече, со Националната стратегија за развој на Владата годинава. Притоа најави дека ќе се направат напори за успогласување на двата документа.