„Во тетовската болница нема греење – да се лекуваш, или да умреш?! Мора час поскоро да заврши нечовечниот третман на пациентите таму! Овој апел се упатува до сите структури, кои се занимаваат со управувањето на оваа болница.“ – со овој драматичен апел се огласи новинарот Емин Аземи на својот фејсбук-профил, укажувајќи на моментната состојба, во која се наоѓаат пациентите во оваа јавна здравствена институција во Тетово.

Во објавата на фејсбук Аземи пишува: „Моментно во Одделот за педијатрија се смрзнуваат моите две мали внуки, кои чекаа 2 часа на инфузија и сега треба да останат уште таму 3 дена во смрзнувачки услови. Со нула болничка нега пациентите се разболуваат уште повеќе. Ова ќе се случи и со моите мали внуки.“

„Во името на сите пациенти, особено во името на моите мали внуки, кои се немоќни да протестираат, го молиме директорот на оваа болница да ги посети одделенијата на 4 кат и да види со какви нехумани услови се соочуваат пациентите. Најмалку што може да направи директорот е да им дозволи на семејствата на пациентите да донесат за нив греалки од дома.“

„Ако директорот ги преземе овие мерки веднаш, ќе запрам со овој апел. Во спротивно, веќе денес во сите медиуми тетовската болница ќе биде главна вест…. На пациентите во тетовската болница им се заканува смрт, поради нехуманото постапување.“