Македонија е веќе презадолжена земја и никогаш нема да може да ги врати парите коишто веќе ги позајмила. Со овој, сега непотребен проект, земјата неизбежно ќе се доближи до банкрот.

Социјализмот во Европа, не пропадна туку, така. Со децении, Западот преземаше бројни (тајни) акции за да го сруши, ама без успех. Клучот го најдоа во средината на 1970-тите години. Носители беа финансиските институции, коишто започнаа на СССР, и неговите источно – европски сателити, да им делат кредити со минимални камати, со цел да ги презадолжат. Сите се залетаа, вклучувајќи ја и Југославија. На крајот од 1980-тите, социјализмот во Европа – се распадна. Во 1990-тите, банкротираше и Руската Федерација.

Во 1976 година, Југославија должеше околу 2 милијарди долари. По само 4 години, на почетокот на 1980-та, долгот изнесуваше 12 милијарди. Започна длабока општествена криза која заврши со крвави војни.


Истото сценарио, во малку изменета форма, сега се спроведува кон Македонија. Се чини, проектот за изградба на 108 километри автопати, за 1,3 милијарди евра, што е само првична цена според министерот за транспорт, плус 300 милиони евра за експропријација, има единствена цел македонската држава да ја доведе до банкрот. Нема друго прифатливо објаснување. Со оглед на условите под коишто е потпишан договорот, и искуствата коишто ги имаат соседни држави со истата фирма, со апсолутна сигурност може да се тврди дека вкупната цена, на крајот од приказната, ќе биде поблиску до три милијарди евра. Македонија нема никогаш да може да ги врати тие пари, и да се обезбедени преку голем буџетски дефицит е не преку кредити. Зошто е тоа така?

Прво, и клучно, ниту еден од планираните патни правци не е итен. Сите можат да почекаат и 10 години, ако не и повеќе. Засега, и во догледна иднина, на ниту еден дел од нив нема густина на сообраќај, којашто би налагала потреба од автопат. Затоа, треба да се градат или т.н. брзи патишта, или решенија како меѓу Тетово и Гостивар. Во меѓувреме, клучен проблем на нашите патишта е лошиот квалитет во изградбата и лошото одржување. Катастрофално е и нивното одбележување, што сигурно крие тешка корупција. Кај нас, белите траки траат три, четири месеци, а во светот со години. Во услови на дожд, на голем број патишта – ништо не се гледа.

Постојното решение од Тетово до Гостивар, комотно ги задоволуваат сообраќајните потреби за подолго време.

Смешен е, пак, планот да се гради пат од Гостивар до некое село Букојчани, а не до Кичево. Тоа е најслабата алка на Коридорот 8 и заслужува подобро решение. Меѓутоа, тоа мора да се бара со изградба на тунел, а не преку планини високи 1.300 метра. Изгледа дека нема да се гради само делот од Зајас до Кичево, веројатно за да не се урива спокојот на тамошен политичар.

Од Охрид до Струга, и до Ќафасан, треба само реконструкција и проширување, на еден дел евентуално и со четири ленти, како меѓу Тетово и Гостивар. Ништо повеќе. Впрочем, по Ќафасан, во Албанија, нема автопат.

Второ, договорот со Бехтел и Енка е невидена ујдурма. Постигнат е во директен договор, без тендер и е – таен! Таков договор, може да крие само злоупотреби и давање бесмислени, и надвор од умот – концесии. Ништо друго. Меѓутоа, апсолутно не е случајно што проектот го турка Артан Груби. Изгледа дека делот од Прилеп до Битола, каде има најмалку сообраќај, е планиран за да замачка очи дека не се гради Транс албански автопат.

Трето, нема ниту разработен проект, врз основа на кој и може да се одредува некаква цена. Вака, се’ е од ѓутуре, или од ракав. Нормален човек, никогаш не прифаќа такво нешто.

Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/avtopatishta-za-bankrot-na-makedoni-a/