Скопската населба Автокоманда вчера „тајно“ била префрлена на користење топлинска енергија на Топланата „Исток“, наместо досегашното таканаречено „железарско“ парно што речиси десетина години го добиваа од ЕСМ „Енергетика“.

Вчера поголемиот дел од населбата немаше парно греење, а попладнето, по неколку часови млако парно, тоа било исклучено во 22 часот.

Граѓаните подготвуваат протестен собир во 17 часот на популарната „Коцка“ бидејќи, како што неофицијално се дознава тие ќе бидат принудени да плаќаат сметки кои се за 37 % повисоки од оние кои ги плаќаат другите корисници во Градот.

Но, затоа ја нема да ја имаат досегашната „привилегија“ да имаат 24 часа топли радијатори, за што впрочем и плаќаа поскапо.

Граѓанин за „Експрес.мк“ вели дека се јавил во ЕСМ и на прашањето зошто не биле граѓаните регуларно известени за промената и дали ќе има промена во начинот на плаќањето, му рекле дека „префрлувањето било сторено тајно за да нема реакции, протести и блокади…“

На прашањето дали може граѓаните да се исклучат, граѓанинот кој го контактираше „Експрес.мк“ вели дека од ЕСМ неофицијално го информирале дека може да се раскине договорот, но доколку однапред ги платат сите сметки до – август.

На социјалните мрежи граѓани уште вчера алармираа дека „нешто се подготвува“, а во недостиг на информации од ЕСМ, а за денеска е најавен протестен собир.

Од Општина Гази Баба, се обратиле со официјално барање до ЕСМ за објаснување.

Градоначалникот на Општина Гази Баба Боба Стефковски се огласи на Фејсбук во врска со проблемот.

„Прв пат официјално дека е во тек процес поврзан со промена на снабдувач со топлинска енергија на домаќинствата во Автокоманда, дознав од писмото кое го примив на 06.12.2022 година од Урбаната заедница Автокоманда. Следниот ден на 07.12.2022 година, испратив писмено барање до директорот на АД ЕСМ – Подружница Енергетика Далибор Богдановски со кое побарав средба на која би присуствувал јас и преставници од Урбаната заедница.

Во писмото (кое го објавувам во прилог) истакнав дека поради сериозноста на темата барам средбата да се оддржи во рок од пет дена од поднесувањето на барањето.

Со жалење можам да констатирам и да Ве известам дека до денес 01.02.2023 година (среда) сеуште немам добиено никаков одговор на моето барање.

Како градоначалник сакам да истакнам неколку работи:

1. За мене е спорен начинот на кој се спроведени активности од страна на службите на Енергетика и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија.

2. Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда.

3. Барањата на граѓаните се и мои барања. И затоа ја имате мојата поддршка во остварувањето на Вашите права.