ЕСМ Дистрибуција на топлина од денеска ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда, општина Гази Баба согласно одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), информираат од компанијата.
Оваа населба во општина Гази Баба досега се снабдуваше со топлинска енергија од таканаречено „железарско“ парно што речиси десетина години го добиваа од ЕСМ „Енергетика“.
Вчера поголемиот дел од населбата немаше парно греење, а попладнето, по неколку часови млако парно, тоа било исклучено во 22 часот.
Граѓаните се во недоумица како и колкави ќе бидат во иднина сметките за парно со оглед на тоа што досега тоа им се наплатуваше по квадратен метар внатрешна станбена површина.
Топлинска енергија имаа 24 часот во денот поради што и сметките беа за 37 % повисоки во однос на другите домакинства во Градот.
Новите потрошувачи од населбата Автокоманда, фактурите за топлинска енергија за февруари, кои ќе ги добијат во март и понатаму ќе ги добиваат од ЕСМ Снабдување со топлина, велат од ЕСМ Дистрибуција.
„За домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните кои ги добивале од ЕСМ Енергетика.
Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија“, прецизира Александра Маројевиќ помошник на директорот за производство на ЕСМ.
Нагласи дека испораката на топлинската енергија до сите потрошувачите ќе се врши согласно законската и подзаконската регулатива по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.
Маројевиќ вели дека ова се прави „заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство и ЕСМ Снабдување, извршено е одделување на мрежа која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина“, пренесе Опсервер.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е потрошувачите од населбата Автокоманда да склучат „Договор за снабдување со топлинска енергија“ со новиот снабдувач ЕСМ Снабдување со топлина кон кого ја имаат обврската за плаќање на услугата од 01.02.2023. Договорот е одобрен од РКЕ.
„Ги повикувам потрошувачите за сите прашања поврзани со нашата дејност и услуги, како и за пријави на дефекти и рекламации за квалитетот на греењето да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. Заради навремено отклонување на пријавени дефекти, потребно е нашите екипи да имаат пристап до топлинските станици. Затоа апелираме до заедниците на станари во сите објекти, вклучително и објектите во Автокоманда, во комуникација со Центарот за грижа на корисници, да обезбедат пристап за екипите за одржување до топлинските станици на начин кој им одговара на двете страни“, потенцира Маројевиќ.
