Австрискиот селектор очекува Македонија да се брани против нив во дебито на ЕП

Селекторот на фудбалската репрезентација на Австрија, Франко Фода, очекува дефанзивна формација на Македонија во меѓусебниот дуел на претстојното Европско првенство, кој за „црвено-жолтите“ воедно ќе биде и деби на еврошампионатите.

„Очекувам Северна Македонија да игра дефанзивно, па затоа треба да бидеме хируршки прецизни со завршниот удар и да сме сигурни дека сме стабилни во одбраната. Треба да ги намалиме грешките и да создаваме и да ги користиме шансите што ќе ги имаме против компактна екипа како македонската“, изјави Фода по генералката за ЕП во која неговите избраници одиграа без голови против Словачка.

Австрија има само една победа во последните шест натпревара, и тоа против Фарски Острови од 3:1 во март, а нема постигнато гол веќе над 300 минути, но Фода уверува дека неговиот состав ќе биде подготвен за првата средба на ЕП.

„Расположението во екипата од ден на ден ќе се подобрува и ќе бидеме подготвени за дуелот со Северна Македонија. Убеден сум во тоа“, додаде Фода, според кој неговиот тим немал среќа против Словаците, бидејќи Флоријан Грилич и Марко Арнаутовиќ ја погодија рамката на голот.

Македонија и Австрија ќе се сретнат на 13 јуни во Букурешт во рамките на групата Ц, во која с еуште Холандија и Украина.