Австрија затвора џамии, протерува имами

Австриската влада одлучи да го примени постоечкиот Закон за ислам и да го забрани работењето на седум џамии како и да го расформира здружението „Арапска верска заедница“, изјави денеска австрискиот премиер, Себастијан Курц.

На конференцијата за новинари, премиерот објаснил дека станува збор за една џамија која е  блиска на турската организација „Атиб“ која шири национализам во Австрија, како и за шест џамии  на „Арапската верска заедница“.

Законот за ислам, кој стапи на сила пред  три години, предвидува забрана за финансирање на имами и на религиозни организации во Австрија од странство, пренесе Ал џезира.

Министерот за внатрешни работи, Херберт Кикл, изјави дека властите водат истраги против вкупно 40 имами:  Укината е дозволата за работа на двајца од нив, се води истрага против 11 имами кои имаат дозвола за престој, а другите – нема да добијат дозвола за престој.