Австрија има намера да воведе затворање за невакцинираните против корона вирусот вечерва на полноќ, а според сегашниот план, тоа треба да остане во сила до 24 ноември, пишува агенцијата dpa и пренесува Хина.
Според нацрт-предлогот се забележува дека се потребни интервенции за „да се спречи колапс на здравствениот систем“.
Комитетот на Националниот совет, долниот дом на австрискиот парламент, вечерва формално треба да одлучува за новата регулатива.
Доколку се воведе затворање, на лицата кои не биле вакцинирани или не закрепнале од болест предизвикана од корона вирусот нема да им биде дозволено да ги напуштат своите домови освен под одредени околности.
Исклучоци од правилата би биле оние кои вршат многу потребна работа, одат на работа, излегуваат поради сопствено физичко и ментално здравје или поради „основни религиозни потреби“.
Мерката нема да важи за деца под 12 години.
Австрија вчера регистрираше повеќе од 13.000 нови случаи на коронавирус, што е најголем број нови случаи во земјата до сега.

.