Австрискиот канцелар Карл Нехамер го поддржува ограничувањето на цената на електричната енергија низ целата Европска Унија, објави неговиот кабинет во соопштение. Владата на Австрија предводена од конзервативците првично беше скептична кон идејата за ограничување на цените на електричната енергија, но се „загреа“ за неа кога цените продолжија да растат.
„Конечно мораме да го запреме лудилото што се случува на енергетските пазари. А тоа може да се случи само преку европско решение“, се вели во соопштението на Нехамер и се додава дека канцеларот ќе се обиде да ги разубеди оние членки на ЕУ што се противат на таквото решение.
„Конечно, нешто мора да се случи. Овој пазар нема едноставно да се регулира во неговата сегашна форма. Ги повикувам сите 27 членки на ЕУ заеднички итно да ја запрат оваа ценовна експлозија“.
Австрија е мошне зависна од рускиот гас, особено во индустријата и греењето, а пред војната во Украина, околу 80 отсто од вкупното снабдување со гас беше од Русија.
Поголем дел од електричната енергија доаѓа од обновливи извори на енергија, а австриската јавност расте неразбирањето на пазарниот систем во кој цените на гасот и електричната енергија се тесно поврзани.
Пазарната цена на електричната енергија мора да се намали и да се одвои од гасот за да се доближи до реалните трошоци за производство, рече Нехамер. „Не можеме да дозволиме (рускиот претседател Владимир) Путин секојдневно да ги одредува цените на струјата“, додаде тој.
Чешката Република, која претседава со ЕУ, ќе предложи итен состанок на Советот за енергетика на ЕУ што е можно поскоро поради скокот на цените на енергијата, изјавија во петокот чешките владини претставници, кои се обидуваат да изградат европска поддршка за ограничувањата на цената на енергијата.
Во соопштението од канцеларијата на Нехамер се вели дека ќе се залага за одржлив модел што може брзо да се имплементира. Се додава дека за ова прашање разговарал со своите чешки и германски колеги.