Атина чека одговор од Скопје за „Северна Македонија“ ерга омнес 

Под наслов „Четврток критичен ден Заев да одговори дали прифаќа „Северна Македонија’“, денешна „Ефимирида“ пишува дека во Атина преовладува оптимизам дека македонскиот премиер ќе одговори со што ќе се затвори спорот со името, а конечното име ќе биде „Republika Severna Makedonija“.

Весникот пишува дека се верува дека до утре „случајот ќе  биде заклучен откако Зоран Заев ќе им одговори на Метју Нимиц и на Алексис Ципрас.

Доколку договор не биде постигнат до петок, постои ризик Скопје „да го испушти возот за НАТО и ЕУ“.

Откако Заев ќе одговори, премиерите ќе договорат кога ќе биде средбата во Преспа, а договорот ќе го потпишат министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Според последните информации во договорот ќе стои:

– Договорено е дека финалното име ќе биде Republika Severna Makedonija;

– Договорено е име за севкупна употреба, т.е. erga omnes, со транзициски период за уставни измени во период од 2 години (според моделот предложен од М. Нимиц);

– Договорени се амандмани на Уставот, кои примарно се однесуваат на новото име, како и на промена на членовите 3 и 49 од Уставот на Р. Македонија, заради отстранување на „иредентистичките наводи“, пишуува грчкиот весник.